Францускиот предлог пристигна во бугарското Собрание. Европската судбина на Македонија по се изгледа ќе се знае многу брзо, откако документот за крај на спорот меѓу двете земји, ќе биде првично разгледан од парламентарната комисија за надоврешна политика во Софија, а потоа се очекува и да биде ставен на гласање пред пратениците.

Сепак тешко е да се очекува дека ветото ќе биде тргнато, пред се ако се знае дека  Владата на Кирил Петков е на стаклени нозе и во среда ќе се гласа за нејзина доверба. Дека блокадата мора да остане порача и бугарскиот претседател Румен Радев, кој кажа дека премиерот мора да ги тргне сите сомнежи околу можно кревање на европската рампа за Македонија.

-Кабинетот треба да ги отфрли сите сомнежи дека може да отстапи од ветото за Република Северна Македонија. Знаете дека идната недела премиерот заминува во Брисел и треба да опстои на националните интереси. Затоа и народното Собрание и Бугарите треба да знаат однапред и јасно точно каква позиција има премиерот, изјави Радев.

За темата Македонија, говореше и пратеникот на БСП, Борислав Гуцанов. Порача дека без исполнувње на сите услови од страна на Македонија, кревање на ветото е невозможна мисија и дека неговата партија ќе гласа против таква опција во Собранието.

-БСП ќе гласа против ако не бидат исполнети условите, кои што се решение на народното Собрание уште пред три години и кои се гледиштето на нашата страна. Така што тука компромис не може да има. Не може да има гаранции од втора, трета страна или на Европската Унија. Треба да бидат исполнети условите од страна на Република Северна Македонија, зошто ние го заштитуваме интересот на Бугарија, изјави Гуцанов.

Проблем плус за Македонија секако претставува и политичката криза во која се наоѓа Бугарија, откако Слави Трифонов реши да ја напушти владината коалиција. Доказ за зовриената состојба во Софија е и денешниот инцидент во Собранието, каде дојде до физичка пресметка меѓу пратениците Искрен Митев и Костадин Костадинов.

Симболично или не овој француски предлог доаѓа точно на четиригодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор, со кој Македонија си го промени името и си ја закова кованицата Северна.

Сепак, дека е тешко да се очекува промена на цврстиот став на Бугарија порача и заменик претседателот на нивното Собрание Кристијан Вигенин. Тој кажа дека каков и да е францускиот предлог, нема да има кревање на ветото за Македонија.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста