16 членови на ракометен клуб од Скопје заразени со корона, нови жаришта никнуваат како печурки

16 членови на ракометниот клуб Голден арт КЛ7 од Скопје се позитивни на корона вирусот. Информацијата ја потврдија од клубот од каде велат оти првите симптоми кај ракометарите се јавиле веднаш натпреварот од второто коло од македонската ракометна суперлига кој се одигра во понеделникот во Радовиш. Дел од играчите добиле покачена температура и губење на чувството за вкус и мирис, по што целиот тим се тестирал. Оттаму не откриваат дали сите заразени се играчи или меѓу нив има и друг клубски кадар.

„Голден Арт КЛ7 како институција одговорна спрема своите играчи и вработени веднаш изврши Ковид тестирање на комплетниот играчки кадар, стручниот штаб и комплетната логистика на клубот, по кое се откриени 16 Ковид позитивни резултати. Според прописите за третман на лица кои се Ковид19 позитивни и лицата кои имале контакт со нив, комплетниот играчки кадар ќе биде ставени во изолација во следните 15 денови“, велат од клубот.

Од министерството за здравство, пак за Алфа велат оти сите заразени, според нивните информации, биле ракометни играчи. Петмина од заразените ракометари биле со симптоми на Ковид 19, а останатите се позитивни, но асимптоматски.

Двајца ракометари на клубот Голден арт КЛ7, беа позитивни на Ковид 19 и пред два месеци. Кон крајот на јули, клубот преку официјалната Фејсбук страница објави оти вирусот бил откриен кај двајца играчи, еден сениор и еден кадет, во рамки на редовниот скрининг кај спортистите.

Во меѓувреме, две одбојкарки од струмичкиот одбојкарски клуб „Виктори Волеј“ се позитивни на корона вирусот. Тестирани биле пред десетина дена. Оттогаш поголем дел од сениорскиот тим бил ставен во изолација.

Откако власта ги олесни мерките за заштита од корона вирусот, речиси секојдневно се појавуваат нови кластери, на само во спортот, позитивни на Ковид 19 има и во детските градинки.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста