Француски предлог – Македонија да и се извини на Бугарија за „репресиите“ вршени во комунизмот

Македонија да и се извини на Бугарија за „репресиите“ вршени во комунизмот – ова е едно од барањата кои се дел од францускиот предлог за надминување на билатералниот спор. Бугарската новинска агенција БГНЕС објавува дека текстот на францускиот предлог се состои од три независни елементи кои треба целосно да бидат исполнети за да биде тргнато бугарското вето.

-Првиот документ, нацрт-заклучоците на советот предвидуваат дека билатералниот однос меѓу скопје и софија ќе биде дел од преговарачкиот процес. Овој документ, како и вториот, преговарачката рамка, се однесуваат на трет, клучен елемент – билатерален протокол, во кој нема ништо француско и е целосно производ на договор меѓу министерствата за надворешни работи на двете земји. Сето ова претставува патоказ со конкретни заложби и чекори кои скопје мора да ги исполни како возврат да го укинаме ветото, пишува БГНЕС.

Сите три документи, предвидуваат Македонија да мора да се извини на Бугарија за наводните неправди и репресии извршени во минатото, директно или индиректно, од страна на, како што стои, југословенскиот комунистички режим врз граѓаните врз основа на нивното етно-политичко самоопределување.

Во текстот кој го објавува БГНЕС, никаде не се споменува бугарската фашистичка окупација на Македонија за време на втората светска војна, но затоа е предвидено Македонија да мора да ги отвори архивите од, како што стои во текстот, репресивниот апарат на поранешните државни безбедносни служби од времето на комунизмот, вклучувајќи полиција, цивилно и воено разузнавање и контраразузнавање во 1945-1991 година.

Историјата ќе биде услов за преговарачкиот процес, а Скопје се обврзало да ја почитува веќе усвоената формулација од заедничката историска комисија во врска со Цар Самуил како бугарски крал што подразбира менување на натписите на спомениците и лекциите во учебниците. Ќе следи период од две години во кој комисијата ќе треба да донесе заклучоци и за останатите историски личности. Македонија се обврзува да и достави на Бугарија копии од сите методолошки упатства, учебници, наставни средства и други релевантни наставни материјали во образовната програма, а ќе мора да ја известува Софија за сите промени што би се правеле во иднина.

Според БГНЕС, Владата на Македонија се обврзала пред првата меѓувладина конференција да ги вклучи бугарите во Уставот, како и да потврди дека нема да се меша во внатрешните работи на Бугарија.

Македонија се обврзала и да презема акција против говор на омраза, вклучително и во медиумите и на социјалните мрежи.

Ивана Соколовиќ Најдова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста