Условна казна доби гинекологот Асани за ординацијата во која ја остави родилка Веапоска без матка, јајник и бубрег

Со 2 години условна казна помина гинекологот на родилката Јулдиз Веапоска,доктор Мухамед Асани кој 5 години вршел гинеколошки прегледи во нерегистрирана ординација. Струшкиот основен суд го осуди екс директорот на струшката болница за кривично дело давање здравствени услуги без дозвола за работа,затоа што во приземјето од неговата семејна куќа опремил ординација во која прегледувал пациентки од 2015 до 2020 година иако истата не била регистрирана и означена.Во овој период како што стои во пресудата Асани ги водел контролите на бременост на 3 жени од Дебар, меѓу кои и родилката Веапоска која остана без бубрег,матка и јајник.

Обично прегледите ги закажувал во попладневните часови и вршел прегледи со ехо апарат и со цтг апарат, како и други прегледи кои проценил дека се неопходни, а за услугите наплаќал 1000 денари за ехо преглед и 1200 денари за цтг преглед. Пациентките му плаќале на рака, а тој не им издавал никаков доказ за примените парични средства, стои во Пресудата.

При изршениот надзор од Државниот санитарен и здравствен инспекторат на 18 јануари 2021 година, било констатирано дека гинеколошката ординација била опремена со работно биро, кревет за пациенти, гинеколошки стол, подвижна маса со помошен материјал, а во фиоките имало празни рецепти, факсимил од обвинетиот како доктор и друг материјал.Од 25 јануари 2021-ва Асани добил забрана да врши здравствена дејност во нерегистрирана ординација за што судот му изрече условна казна.

„Му се утврдува казна затвор во траење од две години и истовремено се определува дека таа нема да се изврши ако осудениот во рок од 4 години не стори ново кривично дело”, пишува во пресудата.”

Во образложението на пресудата на 10 страни, се содржани сведочењата на Веапоска и други две жени кои во судницата сведочеле дека во домашната нерегистрирана ординација Асани им наплаќал по 4 или 5.000 ден од преглед за земање брисеви по контрола,

По жалба на Асани на 9 декември 2021 година пак бил извршен испекциски надзор,овој пат во просториите на дивата ординација имало нешто слично на остава, каде се чуваат пелети, велосипеди и слично и не била затекната никаква гинеколошка опрема.Асани се бранел дека изјавите на сведоци после долг низ години имале личен мотив против него. Но, судот оваа одбрана не ја прифатил, затоа што се работи за одделен случај. Станува збор за судски спор кој во моментот се води пред струшкиот основен суд за случајот со родилката Веапоска која осната без бубрег, јајник и матка.Асани заедно со неговиот син и уште една лекарка, обвинителството ги гони за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

Росица Голабоска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста