Тензично околу Тајван – Пелоси на островот, кинеската армија со воени вежби околу него

Ненси Пелоси замина од Тајван, но тензиите не се намалија. Кина започна големи воени вежби во близина на островот кој го смета за дел од својата територија и предупреди дека потегот на претседателката на Преставничкиот дом на САД опасно ќе ги наруши односите меѓу Пекинг и Вашингтон. Кинеското Министерство за надворешни работи наведе дека нејзината посета е закана за регионалниот мир и стабилност и побара објаснување од американскиот амбасадор во Кина.

Инаку Ненси Пелоси ги игнорираше кинеските предупредувања и синоќа слета во Тајпеј. Веднаш по пристигнувањето на авионот со американската делегација, 20-ина воени авиони на кинеската авијација навлегле во т.н. зона на одговор во воздушниот простор на земјата.

Пелоси пак, во текот на посетата изјави дека повеќе од кога било претходно, американската солидарност со Тајван е клучна.

– Нашата делегација дојде во Тајван за да стави до знаење дека нема да се откажеме од нашата посветеност на Тајван и горди сме на нашето трајно пријателство. Сега повеќе од кога било, американската солидарност со Тајван е клучна и тоа е пораката што ја носиме овде денес, изјави Ненси Пелоси – претседателка на претставничкиот дом на САД.

Се огласи и официјална Москва која смета дека ова се само провокации на САД, а Кина е во право што си ја брани својата територија.

Посетата е намерен обид на Вашингтон да ја иритира Кина. Не гледам друга причина да се создаде таква тензија речиси од ведро небо, знаејќи многу добро што значи тоа за Народна Република Кина, изјави Сергеј Лавров – Руски министер за надворешни работи

Кинеската армија ја мобилизира поморскатa флота од јужното кинеско море и започна големи вежби во непосредна близина на островот. Американската морнарица пак распореди четири воени бродови и еден носач на авиони.  Кинеските борбени летала постојано го надлетуваат воздушниот простор над теснецот. Поголем број на аналитичари веќе коментираат, дека Кина ќе се обиде да го стави под целосна блокада островот, додека Би Би Си анализира дека опасноста од војна е висока, бидејќи и САД и Кина немаат начин како да се повлечат.

Бојана Златкова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста