Таравари на пат кон Владата ги погази зборовите од минатото

Ахмети нема кредибилитет да зборува за големи идеи, местото му во пензија, Алијанса за Албанците нема што да бара во Влада со ДУИ, нема смисла со криминалци да се бориш против криминалот – од најжесток противник до негов спасител. Како Арбен Таравари се приближува до Илинденска, така си ги гази зборовите кои ги кажал во неговата политичка кариера. Ако во минатото мислеше дека нема никакви шанси ДУИ и Алијанса да се најдат на исто место, сега таканаречените проевропски ориентации како да ги зближија непријателите Ахмети и Таравари.
Останува отворено прашањето дали под превезот на обединување за европската иднина на Македонија се крие само желбата за фотелји. Евентуална соработка пред три години за него беше невозможна мисија.


Не сакаме да создаваме хибрид којшто нема да функционира, ниту, пак, мислиме дека треба да дозволиме нашата партија да се претопи во сојуз со субјектот којшто е целосно дегенериран и чие досегашно дејствување и последици ќе се чувствуваат со генерации –
изјави Таравари во интервју за Слободен печат на 20.07.2020.


Еден месец по парламентарните избори во 2020 година, многу конкретно одби секаква опција да биде дел од Владата. За него тогаш беше апсурд да коалицира со ДУИ бидејќи тоа значело борба против криминалот со криминалци.


Ние нема што да бараме во таква влада, со ДУИ само ќе се компромитираме. Со нив скептик сум дека можни се реформи, како со криминалци да се бориш против криминалот – изјави Таравари на 14 август 2020 година во емисијата „Што не е јасно“ на телевизија Алфа.


За него Ахмети немаше кредибилитет да зборува за големи идеи.


Станува збор за целосна демагогија. Човекот кој добива доверба од албанските граѓани веќе 18 години, а притоа не им овозможи ништо добро на Албанците, нема политички кредибилитет да зборува за големи идеи. Али Ахмети е потрошен политичар од 20. век, којшто дојде на власт преку војна. Апсурдно е да се анализираат неговите гротескни изјави. Ахмети сега се обидува да биде магионичар – изјави Таравари во интервју за „Независен“ на 11 јуни 2020 година.


Во 2021 година Таравари сметаше дека претседателот на интегративците не е добар со здравјето.


„Јас мислам дека Али Ахмети има вистински здравствени проблеми и му посакувам што поскоро да има успешна пензија бидејќи за месец два ќе отиде таму каде што треба“,
посочи Арбен Таравари во октомври 2021 година.


Две години подоцна, докторот Таравари веќе не го дијагностицира Ахмети. Пред два дена рече, не бил негов пациент, па не можел да коментира.


„Во политиката, одвреме-навреме се критикуваме еден со друг, кажуваме понекој збор, што може да биде навредлив. Јас не гледам овде некаков навредлив збор за Ахмети. Имав кажано дека од далечина се гледа оти не е добар со здравјето. Но, тој не е мој пациент, треба да кажат лекарите, ако направи контрола и ако има проблем. Ако нема, тогаш немам што да кажам“, рече завчера првиот човек на Алијанса за Албанците.


Таравари се налути на неговите, најверојатно, идни коалициони партнери уште во 2017 година, кога по неговото заминување од Министерството за здравство ја напушти Владата но вети дека како парламентарна група ќе бидат конструктивни. Откако на неговото место беше поставен Венко Филипче, тој жестоко го нападна Али Ахмети дека ги „избркал“ од Владата.
Се поизвесно е дека Алијанса за Албанците ќе се приклучи кон владиното мнозинство. По средбата на Таравари со премиерот, тој изјави дека 90% од нивната програма се совпаѓа со програмата на Владата. Следно треба да се сретнат за да разговараат за прераспределбата на министерските позиции.


Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста