Судирот во ДУИ можен проблем за власта- ќе бараат ли Ковачевски и Ахмети спас од Таравари

Расколот во ДУИ може да го натера Ковачевски да прибере уште една албанска партија во Владата. Подготвеност за тоа изразува Арбен Таравари, в.д. лидерот на Алијансата за Албанците. Изет Меџити и Мерита Колчи Коџаџику, кои им висат на Ковачевски и Ахмети, може да ги натераат да побараат помош од уште една албанска партија, а Таравари вели ќе размислеле.

-Ако добиеме понуда за влез во Влада, ќе ја разгледаме! Темата за условување околу тоа дали да се влезе или да се излезе не сме ја дискутирале, ние не сме биле дел од Владата ниту, пак, сме размислувале за тоа. Но, ќе размислиме, ќе ја разгледаме опцијата ако постои таков предлог, но сега за сега нема нешто такво, порача Таравари.

Ова доаѓа во моменти кога треба Ристо Пенов да биде изгласан од Собранието за нов министер за локална самоуправа, но останува нејасно дали ќе добие поддршка од Собранието, со оглед на најновите случувања.

И покрај тоа што од СДСМ демантираат, постојат шпекулации дека можна е мини реконструкција на Валдата која би ги опфатила Оливер Спасовски и Благој Бочварски, за на нивно место во МВР да дојде Миле Зечевиќ, а во транспорт и врски да седне Петре Шилегов. Од СДСМ сепак ги демантираат ваквите шпекулации. 

-Ниту партиското раководство, ниту највисоките партиски органи, досега воопшто не разговарале за реконструкција на Владата. Единствена промена што ќе следи во составот на Владата е нов министер за локална самоуправа кој треба да дојде на местото на Горан Милевски кој се повлече од функцијата, порачаа од СДСМ.

Покрај можните проблеми со ДУИ, Ковачевски не може да биде сигурен ниту во пратениците од неговата партија, бидејќи еден негов пратеник Диме Велковски, веќе еднаш реши да оди против партиските одлуки и да не гласа за францускиот предлог. Незадоволство од работата на власта често изразува и Павле Трајанов од Демократскиот сојуз.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста