Студентскиот протест ги „спушти на земја“ властите: Субвенционираниот оброк продолжува по старите критериуми

Битката е добиена, војната не – студентите успеаа да издејствуваат новиот предлог Закон за субвенциониран студентски оброк да биде отфрлен, а на сите студенти до 15 декември да им биде извршена исплата на сите студентски оброци за месеците септември, октомври и ноември кои им се должат поради вакум период , а по стар метод ќе се исплаќа до 15-март идната година

На средбата во Собранието со предлагачите на измените на Законот за и министерот за образование договорено било веќе од утре да стартуваат работните групи во кои ќе бидат вклучени и претседателите на Универзитетските собранија  за да се најде долгорочно решение. Сепак студентите порачаа дека оваа битка ја добиле, ама сеупште трае борбата за подобар стандард.

Со оваа мерка сите студенти кои минатата година земаа , ќе продолжат да земаат, во предвид ќе бидат земени само примањата на студентите, не на родителите.  Со оглед на тоа дека барањата се прифатени, протести нема да има. Во оваа ситуација победници се студентите . Добиена е битката, не војната , борбата за подобар студентски стандард е започната, рече Славчо Темелков по средбата.

Нашата борба е добиена не поради слухот на МОН, туку поради нашата упорност и решителност. Ние не бараме ништо повеќе бараме тоа што ни следува по законот, се надеваме ќе биде исполнето тоа што ни беше ветено денеска, вели Мила Петрушевска   Претседател на  УСС ФОН

На денешната средба присуствувале и од пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ, кои прво не добиле право за збор од пратениците од СДСМ , но потоа по барање на студентите го презентирале нивното решение:  да се излгласа нивниот предлог закон под итна постапка за зголемување на висината на студентскито оброк .

А, тоа е тргнувањето на сите оние спорни услови во овој момент кои што ги предлагаа со спорниот закон за добивање на студентски оброк. Односно почивање на истите оние услови кои што беа усогласени со законот од 2020-тата година. Како и заради инфлацијата од 20% и зголемување на цената на храната 30%, баравме зголемување на сумата на студентски оброк од 120 на 160 денари, вели Бојан Стојаноски, Пратеник од ВМРО – ДПМНЕ

Една од најголемата болка на студентите е мизерните услови во кои живеат во студентските домови. Од МОН добија ветување дека ќе почне да се интервенира онаму каде било најитно ама од вгодина.

Челниците на власта седнаа на иста маса со студентите откако го кренаа нивниот глас против предлог измените за законот за субвенциониран студентски оброк. Пред собранието, студентите денес им порачаа на пратениците барем еден ден  да се стават во нивна кожа, и дури им понудија да го заменат студентскиот оброк од парче леб и зденка за богатиот пратенички доручек.

Обидот да се скрати студентскиот оброк за многу од студентите беше капката што ја прелеа чашата и ги извади на улица. Ваквите предлог измени дојдоја по само неполни два месеци откако Премиерот пред цел свет се пофали токму со оваа мерка дека работи за подобрување на студентскиот стандард, па стана нејасно зошто имаше воопшто обид да се скрати правото на академските граѓани.

Кристина Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста