Стојаноски до Груби: Ти прв ќе завршиш во затвор, жестока дебата на пратеничките прашања за автопатските коридори

Зошто договорот со „Бехтел и Енка“ се крие од очите на јавноста, дали Македонија ќе плати пенали од 53 милиони евра, и дали некој ќе понесе одговорност за коридорите 8 и 10д, праша опозицијата, и побара одговори од власта на пратеничките прашања во парламентот. Пратеникот Бојан Стојановски освен до премиерот, му се обрати и на вицепремиерот Артан Груби кој е и координатор за овој договор и му рече дека за овој документ прв ќе оди во затвор.

За вакви договори и закони ќе има одговорност, вели пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски на денешната собраниска седница за пратенички прашања. 

Стојаноски посочи дека поднесениот Закон за експропријација има два спорни члена, член 2 каде веднаш во владение се предава имотот подложен на експропријација и без одлуката да стане правосилна, а  во членот 3 каде се израмнува статусот на легалните и бесправно изградените објекти.

  • Јавноста треба да знае дека на овој начин исто ќе се обесштетуваат и легалните и нелегалните градби.  Според она што го кажаа владините функционери 45% од трасата ќе поминува на приватен имот, доколку се знае каде поминува тоа значи дека во наредниот период може да има наплив на дивоградби и согласно предложениот закон да добијат обесштетување како легалните кои платиле давачки и извадиле дозвола, рече тој.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвинува и дека добар дел од колачот ќе го лапнат фирмите од странство, а во меѓувреме ќе се експлоатираат сите работници со 60 работни часа неделно.

Во репликата до Тренчевска тој појасни дека по години стои колку работници ќе бидат вработени домашни а колку странски работници, а истакна и дека ќе има одговорност за ова.

  • Груби затоа што многу се буни нека одговори кој и зошто предложил закон спротивно на одлука на уставен суд и се согласил да плати големи казни. Ти ќе бидеш првиот што ќе оди во затвор. За вакви договори и ваков закон нема да има милост и ќе има одговорност за сите што го случиле овој договор, да се плаќаат пенали со народни пари за некој а се богати, рече тој.

На ова, премиерот кажа дека изградбата на коридорите 8 и 10д е стратешки национален интерес за државата со кој ќе се поврзат градовите со околните држави, проект од голема важност за Македонија.

Во однос на прашањето за експропријацијата премиерот Ковачевски рече дека и во сегашното решение работите на автопатот ќе се одвиваат без второстепена постапка.

  • Предложените измените на законот за експропријација кои што се во собраниска процедура важат и во моментов ги има и во сегашното законско решение. Значи и сега градбата на делницата продолжува без второстепена постапка. Со измените на законот за градење има нова постапка и систем за градење која прво се одобрува од урбанистичкиот проект кој ќе ја утврди трасата по што ќе започне постапката на експропријација на земјиштето, порача Димитар Ковачевски.

И додека власта и опизицијата се караат кој добива, а кој губи со овој прокет, собранискиот спикер Талат Џафери рече дека го немал видено договорот со „Бехтел и Енка“ и дека немало потреба да го знае. Рече дека пратениците со сертификат ќе го виделе другиот месец.

  • На 2 мај имаме координација. Вчера ги известив координаторите да размислат за време. Може и деновиве да биде. Не знам колку пратеници имаат безбедносен сертификат, рече претседателот на Собранието, потенцирајќи дека нема да им биде доставен Договорот, туку само презентиран, бидејќи станува збор за класифициран документ. 

И додека опизиција критикува, министрите за финансии и труд и социјала, Бесими и Тренчевска, уверуваат дека во договорот нема ништо поразлично од зделките кои ги имаат склучено Бехтел и Енка со другите држави од регионот за изградба на автопатите во Македонија.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста