Си го исплати долгот кон Ахмети и Груби: ДУИ го избра, па Пендаровски мораше да им врати за поддршката да стане претседател

ДУИ го избра, па тој не смее да им се спротивстави. Стево Пендаровски мораше да врати за поддршката која ја доби за да стане претседател, и да ги потпише законите за Бехтел и Енка. Ова е една од причините зошто тој го погази својот збор и стави параф на петте закони, изгласани со европско знаменце. Новинарот Дарко Јаневски вели дека очекувал Владата и Пендаровски барем да изиграат игра и тој да не стави потпис барем на еден од законите, но и претседателот немал храброст ни за такво нешто.

-Со гласовите на ДУИ тој беше избран, кај смее сега да оди контра ставовите на Артан Груби. Иако да бидам  искрен јас мислев дека ќе може да изиграат игра да одбие барем еден закон Пендаровски, па они во Собрание уште еднаш да го изгласаат со 61 и тогаш ќе биде обврзан да го потпише и така ќе биде и волкот сит и овците на број, вели Јаневски за Алфа.

Според Јаневски ваквиот потег на Пендаровски ќе доведе само до уште поголем пад на неговиот рејтинг. Тој не очекува актуелниот претседател да добие поддршка за втор мандат, од причина што неговата популарност кај граѓаните со најновиот потег оди само надолу и надолу.

-Не сум убеден дека ќе му дозволат да оди на втор мандат, но рано е за тоа да се разговара. И онака слабиот рејтинг ќе му опадне и затоа неизвесно е дали тој ќе има шанси да добие шанса да се натпреварува за втор мандат, изјави Јаневски.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека Педравоски со ова покажал дека е уценет човек без грам сопствен кредибилитет и интегритет. Потенцираат дека со потписот на 5-те закони покажал дека ставот и зборот не му вредат ни 5 пари и не му траат ни 5 дена, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-И тој храброста како и Ковачевски ја има оставено во некоја фиока во Мала Речица. Пред јавноста едно говореше поврзано со скандалозните измени на 5-те закони, а сосема друго направи. Поточно Пендаровски по којзнае кој пат го демантираше Стево. Ова воопшто не не изненадува и зачудува, а веруваме дека и јавноста се навикна на неговото пишманење и погазување на својот збор, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Пендаровски ги потпиша указите за петте закони за Бехтел и Енка и со тоа отиде контра експертите, синдикатите, обичните граѓани, но и Европската Унија, сите кои го искритикуваа новиот закон за работни односи, но и начинот на кој со европско знаменце се донесоа овие закони.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста