Серафимовска: Владата на Заев нема стратегија за заштита на здравјето на младите и безбеден старт на учебната година, добивме ученици кои со право протестираат и збунети родители

Денес, 1 септември наместо со традиционалниот почеток на учебната година Македонија се соочува со хаотична и неизвесна состојба во образованието. Освен одложениот почеток од 1 октомври, ситуацијата бележи и средношколци на улиците, наместо во училишните клупи од една страна, и неинформирани родители и ученици од друга страна, ова денеска преку прес-конференција го истакна Христина Серафимовска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Владата на Заев нема стратегија за заштита на здравјето на младите и безбеден старт на учебната година, наместо старт на учебна година, добивме ученици кои со право протестираат и збунети родители. Се претворивме во држава на жолт печат каде информации за образованиот процес се добиваат од портали и социјални мрежи наместо по службен пат од училиштата. Владата предводена од СДСМ веќе имаше неколку месечно искуство со настава во услови на криза, од која за жал ништо не научи и не извлече можни решенија.  Одложен е почетокот на школската година, само заради неорганизираност на старата Влада и училиштата раководени од нивни кадри. За скратена наставна програма веќе 6 месеци неуспешно се говори, а протоколите за учениците наместо навреме беа изработени со закаснување непосредно пред 1 септември.  Учениците од стручните училишта, сместувањето во училишните домови и превозот на учениците се исто така прашања кои сеуште висат во воздух…, вели Серафимовска.

Таа додава дека ВМРО ДПМНЕ неколкупати до сега излезе во јавност со конструктивни предлози и решенија за предизвиците во образовниот процес. Овие предлози вклучуваа неколку модели на настава меѓу кои и комбинирана настава, како и можност различни општини да имаат различни опции согласно состојбите. Ваквите предлози во целост се поклопуваат со она што сега го бараат средношколците од улица!

-Оваа Влада е должна да одговори зошто ги отфрли конструктивните предлози кои доаѓаа од опозицијата? Зошто во време на здравствена криза креира дополнителни кризи и во образованието? Зошто нема план? Владата да објави список кои чекори ќе ги преземе за подобрување на условите за учење. Очигледно е. Ова е Влада без јасна цел, недостаток на визија и со многу прашалници како понатаму, а цената за сите нејзини недостатоци за жал ќе ја плаќаат денешниве ученици и општеството во целина, вели Срафимовска.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста