Свирежи за бугарската химна: Погрешните политики на Скопје и Софија ги закрвија Македонците и Бугарите

Среде Скопје беше исвиркана химната на Бугарија.

Ова е резултатот од повеќегодишната попустлива политика на власта, но и безобразното однесување на Бугарија кон Македонија. Гневот кон политичарите од двете држави, се претвори во омраза кон цел еден народ, во овој случај Бугарскиот. Вообичаено гостопримливата македонска публика, синоќа не издржа и го истури својот револт, кој многумина по протолкуваа како омраза. Новинарот Бранко Героски во колумна пишува дека ова е резултат од она што со години го спроведуваат политичарите од двете земји, но и оние европските

-‘Ртат никулците на омразата што ги посеаја неодговорните политичари. И тие во Софија, но и тие во Скопје. И тие што лекомислено ставија потпис на Договорот за добрососедство, оставајќи ги главните прашања отворени, но и тие што оспорувањето на македонскиот идентитет го воздигнаа на ниво на приоритет на една агресивна недобрососедска политика. И тие во Брисел што ги охрабрија Скопје и Софија да преговараат, а потоа кукавички застанаа на страната на посилниот и дозволија уцените да станат составен дел од рамката за преговорите за членство на Македонија во Европската унија, пишува Героски.

За експертите публиката со овој потег најверојатно не сакаше да ги навреди Бугарите и нивната химна туку да испрати јасна и директна порака кон политичарите од двете земји. Социологот Илија Ацески за Алфа вели дека ваквата реакција била сосем очекувана, потенцирајќи дека свирежи на химни на други репрезентации никогаш немало.

-Таа реакција е нормална условно велам нормална на една публика, на една маса која што дошла на стадион и го изразува на таков начин својот револт да ја исвирка химната. Кога би играле репрезентациите на Србија и Македонија изразувањето на таа публика би бил сосема друго, или во однос на Македонија и Албанија. Една голема порака воопшто према Бугарија, изјави Илија Ацески.

Ваквиот потег на публиката на стадионот „Тодор Проески“ беше причина за нови бугарски провокации, сега од нивниот поранешен репрезентативец Станислав Ангелов, кој ни испрати нова серија навреди дека нашите баби и дедовци биле Бугари.

-Мене ми е чудно како може да ја исвиркуваш химната на баба ти и дедо ти? Чудна е таа работа, но пропагандата е многу тешка, изјави Ангелов.

Реагираше и бугарската политичка елита. Поранешниот премиер Бојко Борисов ни порача дека Македонците покажале дека не ги разбирале европските вредности.

-Како Бугарин и љубител на фудбалот, категорично го осудувам сквернавењето на бугарската химна на почетокот на натпреварот Македонија – Бугарија. За жал, со ваквите постапки нашите соседи од Македонија не покажуваат дека ги разбираат европските вредности, порача Борисов.

Инаку, граѓаните веќе подолг период изразуваат големо незадоволство од политиките кон Бугарија, а според анкета спроведена од Конрад Аденауер, 44 проценти од Македонците на Бугарите гледаат како најголеми непријатели, а дури 57 проценти се против францускиот предлог кој македонската власт го прифати.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста