Причината за смртта на малата Јана останува мистерија

Причината за смртта на малата Јана останува мистерија. Министерството за здравство ќе формира нова стручна комисија која ќе треба уште еднаш да го испита случајот со шестгодишното девојче, кое од се уште непознати причини почина пред четири дена во битолската болница. Комисијата од педијатри ќе истражува што довело за толку кратко време да се влоши здравствена состојба на Јана и неколку часа по хоспитализирањето да почине.

“По извршениот стручен надзор на ДСЗИ не се констатирани недоследности во рамки на надлежноста на Инспекторатот. Истиот ден, на барање на министерот формирана е стручна комисија, за стручен надзор за овој случај, се чекаат и резултати од обдукцијата” – велат за Алфа од Министертсвото за здравство.

Извештајот на ДСЗИ покажа дека не се констатирани недостатоци во лекувањето и третманот Јана Христовска. Државниот санитарен и здравствен инспекторат, по вонредниот инспекциски надзор спроведен вчера според документацијата и изјавите на здравствените работници констатираа дека девојчето имало срцев застој.

ТЕЛОП – ДСЗИ

„По завршување на инфузијата состојбата се влошила. Дошло до појава на малаксаност, бледило и тахикардија. Детето од дневна болница било префрлено во собата за полуинтензивна нега на одделението и поставено  на монитор и кислородна поддршка. Направени се два ЕКГ записи во 12.34 ч и во 12.42 ч. и побаран е конзилијарен преглед од анестезиолог. Во меѓувреме детето прави срцев застој  по што е  направена  реанимација, се наведува во соопштението од ДЗСИ.

Од Инспекторатот наведуваат дека по изјава на двете докторки во детското одделение по добиените резултати од направените анализи имало покачени показатели за срцево страдање, за што е известена мајката на шестгодишната Јана.

Сепак, ќе се чекаат резултатите од обдукцијата која треба точно да покаже од што почина малото девојче, за кое родителите се сомневаат во лекарска грешка, затоа што шеќерот во крвата драматично се покачил откако ја примила инфузијата со гликоза. А по добиените резултати од обдукцијата ќе одлучат дали ќе бараат одговорност за смртта на нивното девојче.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста