Османи и Димитров ги симнаа ракавиците – јавна преписка кој, што нудел и кој е поголем патриот

“Илинден Преображение – востание” наместо Илинденско востание: Во 2019 година Македонија потпишала протокол со кој на 1903 година ќе гледа низ бугарската призма. Министерот Османи со низа му возврати Никола Димитров. Открива дека екс дипломатот во неговиот мандат го потпишал единствениот протокол со источниот сосед и во него се обврзал да се најде решение и за Гоце Делчев.

Потпишувајќи го единствениот Протокол, мојот претходник ја обврзал и Комисијата, но и земјата, пред целиот свет, дека имаат краток рок до крајот на 2019 година, да најдат решение за Гоце Делчев и востанието, сега веќе и дефинирано согласно бугарската позиција како “Илинден Преображение”. Не сметам дека имал лоши намери тогаш, но нема да го премолчам неговиот обид сега да се “пенави” на нашиот обид да направиме пристоен Протокол, во кој нема да се обврземе за содржината, туку за принципите на нашата работа, претставувајќи нѐ сега нас како предавници на неговиот потпис, пишува Османи.

Овој документ, пишува Османи, во негова физичка форма недостасува во МНР, очекувано е кој си го земал пред да си отиде и со какви намери.

Една лага не ви поминува – повторно со БГНЕС спинувања, на сите изнесени грижи и прашања од мене и од целата домашна јавност – му врати Димитров на статусот на Османи. Сега мафтате со протокол вели Димитров кој беше потпишан во 2019 година кога немаше вето туку бугарска поддршка за евроинтеграциите, протоколот беше билатерален и се работеше без уцена.

Манипулирате за клучни делови од тој протокол, повторувајќи бугарска теза што очигледно ви е блиска: дека наводно сме преземале ОБВРСКА историчарите да ги надминат најделикатните теми во одреден рок, игнорирајќи ја клучната кованица во текстот – НАСТОЈУВАЊЕ да се постигнат реални резултати.  Во македонската верзија на документот се разбира Илинденското востание е Илинденско востание и никако поинаку. Интересно што полесно сте нашле некоја бугарска верзија, отколку македонската. Мојот кабинет целиот фајл за прашањето со Бугарија го предаде на вашите луѓе. Зошто токму денес ви се губат документи од архива можеме да претпоставиме врати Димитров.

Одговорете и реафирмирајте ги македонските позиции, па потоа слободно продолжете со личната опсесија, па тогаш ќе се упристоиме враќа Димитров. Двајцата дипломати со денови се препукуваат преку социјалните мрежи за тоа кој и каков протокол потпишал со Бугарија и на што се поткленала Македонија во бугарските услови. Димитров е потписникот на Преспанскиот договор и активно учествуваше во формирањето на Договор за добрососедство, а неговиот наследник Османи сега ретерира и тактизира со Францускиот предлог.

Викторија Миткова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста