Нов студен туш од Олаф Шолц за Македонија: Прво реформа на ЕУ, па проширување на Унијата на 30 или 36 земји

Македонија ќе мора да почека. Прво реформи на Еворпската унија, па проширување. Уште еден студен туш на владиниот оптимизам дека брзо ќе сме напредувале во евроинтеграциите. Оваа порака сега повторно ни стигнува од германскиот канцелар Олаф Шолц, кој вели дека проширувањето ќе мора да почека. 

-ЕУ мора да се реформира пред да стане Унија со 30 или со 36 земји членки, вклучително земјите од западен Балкан, Украина, Молдавија и Грузија, изјави Шолц.

Шолц и претходно ни порача дека патот кон ЕУ ќе ни биде трнлив. Пред помалку од два месеци, пред да го прифатиме францускиот предлог, германскиот канцелар ни кажа дека и неговото прифаќање нема да значи лесно зачленување на Македонија во Европската унија.

-Сакам да бидам сосема искрен со вас: Дури и по прифаќањето на овој компромис, процесот за влез во ЕУ нема да биде лесен. Ќе има и други пречки кои ќе треба да бидат надминати. Но, јас исто така ви велам: Заедно ќе ги совладаме задачите кои ни претстојат. Сите знаеме дека компромисите понекогаш значат болни отстапки. Европската Унија се состои од компромиси, ден за ден. Но, јас сум цврсто убеден дека дури и тешки компромиси на крајот секогаш нè носат напред и нè прават посилни, ни кажа Шолц.

Порака дека членството наредниов период е тешка задача, ни испрати и францускиот претседател Емануел Макрон уште пред неколку месеци, кога ја соопшти идејата за таканаречен европска втора лига, односно нова европска заедница, за земјите се во чекалната долги години.

-Оваа нова европска организација ќе им овозможи на демократските европски нации, да најдат нов простор за политичка соработка, безбедност, соработка во енергетиката, транспортот, инвестициите, инфраструктурата, движењето на луѓето, кажа Макрон.

Ваквите пораки се сосем спротивни од оние оптимистичките кои ни ги кажуваат политичарите дома. Премиерот Димитар Ковачевски ни порача дека ќе сме имале најбрза интеграција

-Вашата поддршка ќе е од непроценливо значење и понатаму, особено што сега треба да ги вклучиме сите расположливи капацитети и да работиме исклучително посветено за да можеме да ја имаме најбрзата можна интеграција во Европската Унија, изјави Ковачевски.

Уште подалеку отиде неговиот коалиционен партнер. Лидерот на ДУИ, Али Ахмети ни кажа дека за пет години ќе се ме биле членка на унијата.

-Јас сум многу сигурен дека сите заедно во рок од 5 години ќе бидеме полноправни членки на ЕУ, порача Ахмети.

Покрај пораките од европските лидери, Македонија на патот кон ЕУ ќе мора да исполнува и она што го има договорени со соседните држави. Блокадата на патот кон ЕУ ќе можат да ни стават и Грција и Бугарија, доколку не ги исполнуваме Преспанскиот и договорот за добрососедство.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста