Кои бактерии се причина за смртта на двајца пациенти во прилепската болница?!

Откако вчера ДСЗИ го потврди присуството на бактеријата „стафилококас епидермидис“ во прилепската Болница, а на резултатите од другите анализи се уште се чека, болнички извори за Алфа и понатаму тврдат дека непосредно по смртта на 52-годишната прилепчанка, а која почина од сепса, првата бактерија која била изолирана во прилепскиот Центар за јавно здравје, била ретката бактерија „сератиа“. Овој наод, според нашите извори, предизвикал вчудоневиденост, но и загриженост дури и кај прилепските лекари кои зад себе имаат повеќедецениски работен стаж. Можноста од присуството на бактеријата „сератиа“ го зачуди и искусниот д-р Андон Чибишев од скопска Токсикологија, кој непосредно по трагичниот настан, веднаш се огласи на својот фб-профил.

Во 21 век, во регионална болница на еден од поголемите урбани центри во Македонија да ти се случи интрахоспитална инфекција со бактерија која сме ја среќавале само во нашите книги и тоа напишана со мали букви и при тоа заради ваквиот недозволен пропуст да ти почине млада жена е повеќе од жално, трагично, нестручно, непрофесионално. Под итно да се испита случајот и да се казнат одговорните. Сочуство до семејството на починатата. Господ нека ја прости“, напиша д-р Чибишев.

   Сепак, што ќе покажат официјалните резултати од опсежните вонредни анализи кои се во тек, останува да се види.  

Инаку, според информациите до кои дојде Алфа од добро-упатени болнички извори, досегашните контроли на болничката Комисија за интрахоспитални инфекции, најчесто се вршеле по претходна дојава, што според нашите извори, било недозволиво. А додека сега, откако се случи ова што се случи, се востановиле нови правила, односно контролите да се прават почесто и ненајавено. Исто така, дел од болничката лекарска фела, смета дека операционите сали биле затворени со задоцнување, бидејќи сомнежите дека во Болницата можно е да има интрахоспитална инфекција, многу порано го вклучиле црвениот аларм.

Одговорност за ново-настанатата состојба која ја крена на нозе цела македонска јавност, денеска побараа и од ОК на ВМРО-ДПМНЕ.

Од прилепскиот ЦЈЗ очекуваат дека резултатите од анализите од земените материјали ќе ги имаат до утре. А од ОЈО пак, вчера отворија и предмет по допрен глас за смртта на тројца пациенти кои во изминативе десетина дена се лекувале во прилеската Болница. Од Болницата пак, информираа дека се отворени за соработка со Обвинтелството и дека денеска на увид ќе им ги достават сите документи.

Каролина Дурло

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста