Како Заев ги рушеше македонските позиции пред шест години: Да бидеме горди што Делчев и Сандански се заеднички, и македонски и бугарски

Треба да се радуваме што Делчев и Сандански се заеднички и македонски и бугарски, тие треба да не спојуваат. Овие зборови од позиција на премиер на државата ги кажа Зоран Заев, на 17-ти октомври 2017-та во интервју за БТВ новините. Говорејќи дел на македонски јазик, дел бугарски, по само пет месеци откако стана премиер на државава, ги прифати речиси сите бугарски позиции кога е во прашање историјата.

-(Зад нас е Гоце Делчев, народната гимназија се вика Јане Сандански, претпоставувам дека голем број на улиците се именувани сега по општи, македонски херои или бугарски?) Според мене тоа се личности од нашата заедничка историја, кои што може да не поврзуваат само и апсолутно треба да се радуваме на тоа што не поврзуваат, никогаш да не гледаме на такви работи да не разделуваат, изјави Заев во интервјуто емитувано на 17-ти ноември 2017-та.

На само 2 и пол месеци по потпишување на договорот за добрососедство тогашниот премиер, реши да менува историски факти, бугарскиот фашистички окупатор не бил фашист.

-Самиот фашизам како појава не е врзан со нациите, врзан е со поединци. Ние не можеме да ја обвинуваме цела Германија, или Бугарија, или Македонија, или било која држава. (Изјавувате дека тоа ќе биде отстрането од учебниците и дека нема да фигурира таму?) Јас верувам дека веќе нема, сакако ако има во духот на пријателството тоа мора да биде некаде исправено. Бидејќи постојат различни луѓе, кои добивале лиценци и пишувале, изјави Заев.

Се пофали и дека години пред да стане премиер, од позиција градоначалник на Струмица, од спомениците го бришел зборот бугарски пред фашизам.

-Во Струмица имаше една плоча, на која што пишуваше тука загина еден наш јунак од бугарски фашистички куршум. Тоа е избришано и напишано од фашистички куршум, на пример уште многу години пред договорот да биде, во Струмица. (Вие го направивте тоа пред неколку години, додека бевте градоначалник на градот?) Да, додека бев градоначалник на Струмица, се пофали Заев.

Порача и дека Цар Самоил никогаш не се декларирал како Македонец.

-Јас го кажувам примерот со Цар Самоил, кога го прашале што сте вие, во времето на неговото живеење, тој не се кажал Македонец или Бугарин, тој кажувал дека е син на Господ, изјави Заев.

Се пофали и со придобивките од договорот потпишан со Борисов, кој од македонска страна очигледно ги гледаа само тој и неговите соработници.

-Јас ја предадов затворена Македонија кон европска Македонија, заради тоа што сите критичари кои што беа кажуваа дека се случува некое предавство на Македонија, дека Македонија ќе загуби од тој договор. Еве поминаа неколку месеци, Македонија само добива, изјави Заев.

Интрејвуто за БТВ од пред шест години беше едно од првите скандалозни на Заев, кој од позиција на премиер на Македонија, почна да ги урива македонските позиции, во однос на спорот со Бугарија, која денес ни е главна пречка на европскиот пат, а еден од условите стана токму историјата, која сега мора да ја менуваме по бугарски терк, ако сакаме напред кон ЕУ.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста