Историска жртва за додворување кон Бугарија: 11-ти октомври за Ковачевски е ден на народното востаните, но против кого?

Историските факти уште еднаш не важат за македонската власт, повторно не постои бугарскиот фашистички окупатор. Во стилот на својот претходник, и премиерот Димитар Ковачевски не сакаше да каже во борба против кого македонските народни херои ги загубија своите животи пред 81 година. Очигледно се уште еднаш удоволувањето кон Бугарија е поважно од светски признаените историски факти и борбата на антифашистичките херои против тогашната бугарска фашистичка власт.

За еден македонски премиер фашистите повторно останаа без својата националност. Од друга страна, Ковачевски порача дека оние кои се бореле против тогашниот режим, се избориле за она што денеска била како што тој кажа Северна Македонија.

-Република Северна Македонија постои благодарение на ова единаесет октомвриско победничко, антифашистичко, народно ослободително движење, чиј што политички успех е првото заседание на АСНОМ, кога народот го официјализира идеалот за сопствена македонска држава. Ова е непобитна вистина и ние како граѓани сме и мораме да бидеме вечно благодарни, изјави Ковачевски.   

Градоначалникот на Куманово, каде што се одржа централната владина прослава, Максим Димитриевски порача дека неговиот град е револуционер, а една од најголемите историски победи е победата над фашизмот. Според Димитриевски моменталните политики на власта во однос на спорот со Бугарија се и повеќе од катастрофални.

-Спуштени сме на толку ниско ниво како граѓани, да веќе дојде момент и самите песни кои што се интерпретираат, се менуваат одредени строфи, сметајќи дека со тоа ќе навредиме друг. Историјата не треба да не навредува, историјата треба само да не потсетува, без разлика кој од која страна сме и каде сме припаѓале во минатото, на тоа што не било добро за да не се повтори, изјави Димитриевски.  

Она што за жал можеше да се забележи во спомен костурницата во Куманово беше оштетениот споменик во спомен костурницата во чест на загинатите борци во борбата против фашистичкиот режим.

11-ти октомври 2022-ра година 81 година по стартот на борбата против фашизмот, тука во Куманово во оваа спомен костурница каде што Владата денеска ја одржа својата централна прослава не можеме да ги видиме имињата на 23-ца херои кои загинаа во борбата против фашистичкиот окупатор. Поради негрижата на власта како што можеме да видиме овој споменик тука стои оштетен.

Димитриевски кажа дека за жал споменикот не е под надлежност на општината, туку на Министерстовото за култура. Вели дека одбележувањето на овој празник го искористил да побара од Ковачевски, Владата во буџетот за следната година да предивиди средста за негова реставрација.

-Потребна е интервенција од страна на министерството за културата. Имаше голем број на ветувања, до ден денес гледате дека тука една шајка не е закована. Му напоменав на премиерот да има во предвид во следниот буџет во 2023-та година, да се предвидат средства. Па времето ќе покаже дали тоа ќе го сторат, изјави Димитриевски.  

Бугарскиот фашистички режим можеби беше заборавен, но премиерот Димитар Ковачевски не заборави да ја спомене опозицијата внатре во државата, велејќи блокадите од нивна страна, биле современо предавство на државата. Споменувајќи ги договорот од Преспа и оној со Бугарија, кажа дека оваа власт била на вистинската страна.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста