Здравството тоне, медицинари очајно фалат ама нема “смрт” за партиски вработувања

Додека јавното здравство е на колена – медицински сестри чекаат со месеци за продолжување на договорите за работа. Според информациите на Алфа,на вкупно 24 медицински сестри во Здравствен дом Куманово работата им виси на конец и се ставени на “чекање”. Вработените го обвинуваат директорот Фарук Алили дека им врши мобинг и прави се, само да ги елиминира тие што се Македонки. Во меѓувреме на распишан конкурс примени се 9 медицински сестри, сите Албанки. Прашањето е, врз кој основ се избрани сите?

Директорот во телефонски разговор за Алфа, ги негира обвинувањата и тврди дека во неговата институција партискиот клуч одамна не е критериум за вработување.

“Сестрите што работат, што биле на овој проект, они работат, ни една не е избркана од моја страна.Инаку немам уште одобрение од страна на ФЗОМ, чекаме до крај на месец.Мене директорот на Фондот ми вети дека ќе има одобрение и за нив” – вели Алили, директорот на Здравствен дом Куманово.

Од Министерството за здравство за постапката за вработување топката ја префрлаат на Здравствен дом Куманово.

“Јавните здравствени установи имаат својство на правен субјект и вработувањата ги вршат самостојно, согласно законските прописи. 
Во предвидениот законски рок здравствените установи носат план за вработување за наредната година согласно член 20-а од Законот за вработените во јавниот сектор, а потоа преку Министерство за финанси, ФЗО И МЗ се обезбедуваaт согласности за обезбедени финансиски средства” –
велат од Министерство за здравство.

Според балансерот, на последниот распишан конкурс за вработување требало да бидат примени 5 Македонци, 4 Албанци и еден Србин.

Инаку, Здравствениот дом Куманово не е единствена установа каде што се бара медицински персонал. Штипската и Битолската клиничка болница, скопската Брза Помош и Клиниката за детски болести во моментот имаат барања за околу 400-тини вработувања на медицински кадар.

Во оваа бројка не се и здравствени домови и болници од Охрид, Струга и други градови кои исто така молат за лекари. Некои од нив со години чекаат одобрување од здравство и финасии.

Ања Лукарова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста