Димитров: Цената на струјата ќе биде политичка одлука

Определувањето на цената на струјата ќе биде целосно политичка одлука – дециден е енергетскиот експерт Константин Димитров. Тој вели дека производната цена на ЕСМ е многу повисока, како и пазарната по која се продава струјата на берзите. Според него, реално зголемувањето треба да биде поголемо од 48 евра за мегаватчас или 17% повеќе од првите 6 месеци. Сепак, тврди Владата мора да реагира за да го зачува социјалниот мир и да го заштити стандардот на населението. Бара точно да се знае производната цена на државните електрани за да се види дали тие работат добро и рентабилно или пак трошат енормно, додека чекаат државна помош, односно дел од парите на граѓаните.

„Цената ќе се зголеми повеќе од она што е кажано. Колку Регулаторна ќе добие дозвола да ги зголеми цените за да удри по стандардот на граѓаните, тука е веќе на потег Владата. Ние како држава за да го заштитиме стандардот на граѓаните даваме толку пари, ЕСМ ќе продава на ЕВН Хоум по 48 евра. Оние другите до 60 евра, 12 евра ние ќе му ги покриеме на Електростопанство“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ.

Од ЕСМ денеска соопштуваат дека е точно дека понудиле повисока цена, но нагорна корекција морало да има поради повисоките цени на мазутот, јагленот, гасот и струјата која на светските берзи се продавала и по 360 евра за мегаватчас. Од државните електрани велат дека се труделе да обезбедат колку што е можно пониска цена, но морало да се обезбеди и нормално функционирање на компанијата.

„Кога се анализира понудената цена од 48 евра за мегаватчас треба да се земе предвид дека цените за електрична енергија на берзата HUDEX за периодот јули-декември 2022г. се движат меѓу 320 и 360 евра за мегаватчас.  Доколку АД ЕСМ пресмета пазарна цена кон ЕВН Хоме тогаш крајната цена за граѓаните би била приближна до бројките од берзанските цени“ – велат од АД ЕСМ.

ЕСМ се обврза да покрие 100% од вкупните потреби на ЕВН Хоум кои се зголемени за 27% поради префрлањето на дел од фирмите и општините од слободниот на регулираниот пазар. Компанијата треба да обезбеди и дополнителни 10% струја ако ЕВН Хоум има потреба за тоа во периодот од јули до декември. Исто така треба да ги покрие и техничките загуби во системот на ЕВН и МЕПСО. Поради ова ЕСМ се обврза да го зголеми производството за 20% годинава. Дополнителните потреби пак ќе мора да се покријат и од увоз. Планирани се и набавки на јаглен за термоелектраните Битола и Осломеј, како и мазут за ТЕЦ Неготино.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста