„Во фокус“ за Преспански договор – Што ќаривме економски од загубата на уставното име?

Почетните сигнали кои политичарите ги пратија со потпишувањето на Преспанскиот договор, продолжија со зголемена бизнис соработка меѓу двете земји. Заеднички инвестиции почнаа да се најавуваат уште истата година. Откако непосредно пред потпишувањето на договорот, Грчкото државно електростопанство за 4,8 милиони евра ја купи компанијата за трговија со струја на тогашниот Вицепремиер Кочо Анѓушев, во јавноста се појавија дилеми дали зад брзањето да се најде решение за името, меѓу другото, се кријат и бизнис интереси на одредени политичари на власт.

Набрзо, бомбастично беше најавен и заедничкиот проект за изградба на терминал за гас и гасна централа во Александрополис, Грција. Владата се откажа од преговорите со бугарските власти за инвестирање во нуклеарната централа Белене за да ги пренасочи парите и инвестиците во Александрополис.

Гасниот терминал треба да чини околу 400 милиони евра. Земјава учествува со 10 отсто или со околу 40 милиони евра. Паралено Македонија ќе гради и интерконектор за природен гас кон Грција, преку кој, овој енергенс од таму ќе се испорачува овде. Вкупната инвестиција од наша страна е околу 60 милиони евра. Се очекува неговата изградба да почне кон крајот на годинава. Дел од проектот ќе биде финансиран со пари од ЕБОР. Преку овој интерконектор земјава непречно треба да добива гас од Азербејџан, но и течен гас од САД и други држави.

Овој потег во енергетската политика наиде на неодобрување од страна на стручната јавност. Аналитичарите препорачаа парите да се вложат во земјава кадешто можат да се отворат нови работни места и да се задржи висококвалификуваниот кадар. Предложија термоелектраната Неготино да се пренасочи со работа од мазут на гас.

„Ова енормно задолжување нема да можеме да го исплатиме во наредните 15 до 20 години со нашето производство. Наместо тие пари да ги вложиме во стопанството, наместо кај нас да изградиме постројки, наместо да го отвориме тој јаглен што не го отвараме, туку плаќаме компании да возат камиони. Па да имаме сопствена електрична енергија, инаку милион до милион и пол евра на ден плаќаме за увоз на електрична енергија. Зборуваме за таму, за една пловечка платформа што е привилегија за богати општества“ – вели Константин Димитров – МАЦЕФ.

И покрај негодувањата, одлуката падна да се инвестира во Грција наместо дома за да се обезбедат алтернативи на рускиот гас. Додека едни алармираа дека гасот кој ќе дојде од Александрополис ќе биде поскап, а одлуката е стриктно политичка, државниците од Балканот на почетоикот на мај заеднички го одбележаа стартот на изградбата на гасниот терминал.

„Ова е проект за долгорочна енергетска независност и за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време“ – рече македонскиот премиер Димитар Ковачевски.

„Пловечката единица за складирање и регасификација е „светилник што испраќа двојна порака: дека со неговото завршување наскоро ќе можеме да се ослободиме од гасот што доаѓа од руски извори и дека нашите земји преземаат заедничка улога на новата енергетска карта“ – рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Додека Македонија вложува во Грција, ние чекаме грчки фирми да вложат во енергетски капацитети. По потпишувањето на Преспанскиот договор, поранешниот премиер Зоран Заев најави дека во Македонија гасна централа ќе гради грчки Митилинеос. Последните информации се од периодот пред да си даде оставка, кога порача дека фирмата е пред одлука за инвестирање. Оттагаш нема никаква информација за овој проект.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста