ВМРО-ДПМНЕ: Во „Тајни имоти“ се кријат градежни фирми, станови, куќи и скапи возила – На списокот Муслиу и Јевтиќ

Станови, куќи, викендички – ВМРО-ДПМНЕ ги објави првите 4 од вкупно 123 актуелни и поранешни функционери кои се вмешани во аферата „Тајни имоти“. Тие или воопшто не доставиле анкетни листови или дале нецелосни податоци.
Прв на списокот се најде аналитарот Алберт Муслиу кој истовремено бил и член на Управниот одбор на Фондот на холокаустот.

– „Како експерт и аналитичар редовно ги брани ставовите на СДС криејќи се под превезот независен. Но колку навистина е независен? Муслиу пет години нема поднесено анкетен лист до Антикорупциската комисија. Што крие Муслиу? Според нашите истражувања Муслиу на сопствено име поседува куќа во Скопје од 118 м2 и стан во Центар од 81 м2.“ – Истакна пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски.

Спорни имоти, според опозицијата, имаат и Ивица Јетевиќ, адвокат често ангажиран од власта кој бил и член на управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил… Директорот на ЈП Македонски шуми Валентин Груевски, како и Новица Печински, член на управниот одбор на Здравствен дом Берово.

-„Ова се само дел од функционерите кои кријат имот, а се директно поврзани со врвот на власта. Институциите да го испитаат нивниот имот, но и дали имаат и друг имот кој е на нивни блиски роднини, а може да се доведе во корелација со нив.“ – Додаде Петрушевски.

На ова реагираа од СДСМ. Оттаму преку кусо соопштение побараа ВМРО-ДПМНЕ сите информации со кои располага да ги достави до Антикорупциската комисија.

– „Кога зборува за имоти, ВМРО-ДПМНЕ прво нека погледне во своите редови и својот дворец. Ако ВМРО-ДПМНЕ навистина поседува некакви информации за функционери кои не пријавиле имот треба да ги достават до надлежната институција – ДКСК, за понатамошно постапување.“ – Пишуваше во соопштението од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека ова е само мал дел од аферата „Тајни имоти“ и дека во следните денови продолжуваат да објавуваат нови имиња.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста