Безбедносни експерти: Целта на лажните дојави за бомби е да се предизвика страв кај населението

Желбата на поединици, организирани групи, па дури и странски тајни служби да предизивкаат страв и паника кај населението, е мотивот кој стои позади лажните дојави за бомби – Вели деканот на факултетот за безбедност, проф. д-р. Никола Дујовски, кој смета дека цел е токму Скопје затоа што станува збор за главен град, со можност да се испратат дојави во повеќе училишта или други јавни институции.

– „Може да стои и поедениец, а може да стои и група, група што има интерес. Може да стои странска служба, може да стои средношколец кој што нема што да прави. Може да стои неговата тетка, вујна, било кој, не е важно. Хибридната закана од безбедносен аспект, за нас е многу реална. Без разлика кој ја праќа и со која цел ја праќа. Мора безбедносните служби да одговорат соодветно, мора да проверат, мора да го евакуираат просторот, мора учениците, наставниците и сите други да бидат однесени на безбедно и да си течат редовните безбедносни процедури.“ – Смета професорот Дујовски.

Тој вели дека хибридните закани во форма на лажни дојави за бомби не е новост за нашиот регион. Тоа се случува и во соседството и тоа во многу поголеми размери. Очекува лажните дојави да продолжат и во иднина.

– „Ова не е почеток, значи, овие најави за бомби почнаа во септември, прво во Белград, потоа во Нови сад, потоа во Сараево. Еве сега и во Скопје, што значи дека ова е некој тренд кој што ќе продолжи и во иднина. Да се надеваме дека ќе остане само на вакви, лажни пријави. На полицијата тоа и е обврска. Иако со ограничен капацитет, тие мора да ја проверат секоја лажна дојава, мора да ги проверат сите училишта.“ – Вели професорот Дујовски.

Смета дека веројатноста лажните дојави за бомби да доаѓаат од Македонија е мала, затоа што досега вероијатно ќе знаевме кој е сторителот, а за тоа дали ќе го откриеме испраќачот, или ова ќе остане само еден безбедносен предизвик за сите безбедносни служби во регионот, професорот смета дека е рано за да се процени.

Инаку, скопските средни училишта веќе втора недела по ред добиваат лажни дојави за бомби и досега беа евакуирани дури во 7 наврати.

Тактиката на дојавувачите постојано се менува. Последените дојави се случија наутро, во 9 скопски училишта, за разлика од претходно, кога дојавите пристигаа на пладне. Додека пак во еден наврат, наместо на секое училиште посебно, на една електронска адреса пристигнаа дојави за поставени експлозиви во неколку различни училишта.
Надлежните велат дека знаат од каде пристигаат дојавите, но, засега сеуште без разрешница.

Никола Цветкоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста