Аналитичари: Со идејата за работна група за преговори со опозицијата, СДСМ ќе се обиде да си го подобри рејтингот

Работни групи во СДСМ за подобрување на комуникацијата со ВМРО-ДПМНЕ или подобрување на рејтингот? Дали владејачката партија со новоформираното тело ќе се приближи до опозицијата и ќе ги прифати условите или е премногу доцна за разговори  – посебно кога двете страни различно се толкуваат меѓу себе, на што се согласиле и што се договорите. Овие дилеми се наметнуваат откако социјалдемократите одлучија дека работна група предводена од генералниот секретар на партијата Миле Зечевиќ, ќе одлучува во каква форма и на кое ниво ќе се одвива комуникацијата со партијата на Христијан Мицкоски. 

Според политичкиот аналитичар Берат Азизи, работната група нема да донесе резултати бидејќи ставовите се дијаметрално спротивни. Додека опозицијата е јасна дека не прифаќа уставни измени под бугарски диктат, власта е убедена дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ќе гласаат за промена на Уставот.

СДСМ сака да добие на време. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се ни на пола пат, многу обвинувања има меѓу нив. Двете страни се дијаметрално спротивни. Мислам дека работните групи на СДСМ, нема да донесат ништо ново. Главниот збор ќе го имаат Мицкоски и Ковачевски. СДСМ сака да добива не само на време, туку и да го промени рејтингот, бидејќи рејтингот е многу лош, а сите анкети покажуваат дека имаат најлош рејтинг. Има голема политичка игра. СДСМ сака повеќе да ја игра, ги прифаќа сите услови, ама од другата страна, мислам дека партијата на Ковачевски не стои цврсто на своите ставови. Нема некој план, што ако не се изгласаат измените, дали ќе има избори или не? прашува Берат Азизи.

Но дали Македонија може да се извлече од погрешните чекори, и прифаќањето на сите услови во преговарачката рамка? Политички консензус беше потребен и претходно,  потребен е и сега, вели Азизи, бидејќи менувањето и пазарењето со Уставот стана премногу често.

Треба со политички консензус да се договорат сите, дали да имаме уставни измени или не. Не се прави тоа секој ден. Кај нас се прават цело време. И многу често се пазарат со Уставот, а сето тоа оди на грбот на граѓаните. И пак сме позади сите држави, на крај, не одиме напред – додава Азизи.

Уставните измени Бугарија ни ги наметна со амин од Европската Унија, и така патот на Македонија наеднаш доби нова димензија. Наместо да биде исполнување на Копенхашките критериуми, целиот фокус се пренасочи на промената на Уставот. Според универзитетскиот професор, Звонимир Јанкуловски, тоа е рецепт за поткопување на сувереноста на една држава.

Пат кон ЕУ кој, наместо да биде исполнување на Копенхашките критериуми, одеднаш добива една нова димензија, критериуми кои јас не ги познавам, во поглед кон пристапување кон ЕУ, и тоа ни се наметнува како обврска, не како нешто што треба, туку што мора. Вархеји тоа го кажа. Мора да го промените Уставот. И кога ќе ви кажат дека мора, сфаќате дека сувереноста, на која го градите основниот концепт на државата во меѓународниот систем, одеднаш сфаќате дека е флуиден. Прашањето е дали ви се обраќа како на суверена држава, или на држава во која сувереноста е како пластелин? – прашува универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски.

Власта со прифаќањето на францускиот предлог, прифати вметнување на Бугарите во Уставот, но никој не ни гарантира дека тоа ќе биде последен услов од Бугарија. Против уставни измени, според сите досегашни анкети, се речиси 80% од македонските граѓани. Опозицијата не ги прифаќа измените под бугарски диктат, а власта е убедена дека ова е единствениот пат до Европската Унија.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста