Анализа: Историски најслаб резултат на СДСМ, партијата се разјадува од внатре

Анализа: Историски најслаб резултат на СДСМ, партијата се разјадува од внатре

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е во перманентен пад и полека се спрема да оди во историјата, се растура од внатре “ – коментираат аналитичарите откако СДСМ го доживеа до сега најголемиот пораз во историјата на партијата – и освои под 200 000 гласови. Ако до сега за најголем пораз се сметаше оној во 2009 година, кога нивниот кандидат за претседател на Македонија Љубомир Фрчковски освои малку над 202 илјади гласови во првиот круг, Стево Пендаровски го презема приматот на кандидат со освоени најмалку гласови – 180.306. Во историјата социјалдемократите имале и други тешки порази – на пример оној на парламентарните во 2006 на чело со Владо Бучковски кога освоија нешто повеќе од 200 илјади гласови, но и изборите во 2008та, кога на чело на партијата беше Радмила Шеќеринска – тогаш освоија нешто повеќе од 230 илјади гласови.
За познавачите, резултатите на првиот круг од претседателските избори не се за изненадување. Опаѓањето на довербата на граѓаните кон СДСМ се должи на лошите политики и неисполнетите ветувања.

СДСМ се растура сам по себе од внатре, има една страшна аутофагија која е во еден подолг период. Ако тоа се земе како прв предвид, но и ако се земе предвид тоа што не решија ни еден проблем, ако она со што ја добија власта, кога ја рушеа власта на ВМРО-ДПМНЕ а не беа исполнети ветувањата, ако земеме во предвид очајот на народот, ете ги резултатите. Долго време ќе му треба да се опорави. Ние имаме избори со празен супстракт. Работата е што народот го искажа својот очај. Не гласаат за подобриот туку драстично казнуваат. СДСМ е една растурена организација која што со својот салонски елитизам значеше нешто но сега се во перманентен пад и нема долго да оди вака како што оди ќе премине во еден најобичен просек Филозофијата на делувањето на сдсм. На почетоците сдсм беше наследник на онаа елита на политичари кои во претходниот систем значеа за фактор, наследници на комунистичката партија, на „црвените буржуи“, а и од сето тоа, испадна тандара бош. ама баш ништо. сето ова се должи на тоа што сдсм со години само себе си се фалеше, полека се спрема за историја – вели политичкиот аналитичар Агим Јонуз.


Лидерите во СДСМ се менуваа, но погубната политика растеше – коментираат познавачите. Тие не ја разбраа ниту пораката од локалните избори во 2021 година, кога добија градоначалници само во 17 општини – од вкупно 80. Тогаш Зоран Заев поднесе оставка бидејќи го загуби и Град Скопје. Сепак, неговите политики на „неесапење на народот“ ги продолжи и Димитар Ковачевски.

СДСМ требаше да ги разберат работите, не го есапеа народот кога го менуваа името, кога го склучуваа договорот со Бугарија, кога влегоа во преговори за историјата, културата, јазикот и останатите атрибути за националноста за идентитетот, не го есапеа народот кога му го земаа сонцето, кога го избрусија на шахтите, а да не зборувам за референдумот кога си играа со волјата на народот. Ова воопшто не е изненадување – вели универзитетскиот професор Звонимир Јанкуловски.


По резултатите од првиот круг од претседателските избори веќе се отвори дилемата, дали Димитар Ковачевски ќе биде и понатаму лидер на СДСМ или можеби по 8 мај доколку изгуби ќе си поднесе оставка. Тој рече дека партиските членови ќе одлучувале за неговата позиција на отчетниот конгрес на кој што се прави анализа на резултатите и потоа избори на кои што се бара изјаснување во однос и на претседател на партијата и во однос на сите други партиски органи.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста

COMMENTS

Wordpress (0)
Disqus ( )