Судирот во ДУИ, од трибини и препирки преку медиуми, може да се прелее на улица

Судирот во ДУИ, од партиските трибини и препирки во медиумите, може да се прелее на улица и да заврши со трагични настани. Експертите сметаат дека расколот на лидерот на партијата Али Ахмети и неговата десна рака Артан Груби со фракционерите предводени од Изет Меџити само ќе се продлабочува и ситуацијата може да ескалира. Според поранешниот министер Џевдет Хајредини, Ахмети не смеел да си дозволи да го менува Меџити како координатор на Чаир, без да ги консултира партиските тела.

За последните случувања во ДУИ треба да бидеме загрижени од причина што последно време секоја интервенција на Али Ахмети завршила трагично. Само сакам да потсетам дека партијата има статут но Ахмети е над статутот. Кога имало интервенции во огранокот на Куманово, кога се мешал Ахмети, се случиле убиства и тоа два пати.  Огранокот во Чаир е многу чувствителен. Без претседателтво без ништо поставува друг за координатор, и нормално е да има такви реакции – вели Хајредини.

И покрај тоа што партијата полека се распаѓа на два дела, нејзината позиција во владината коалиција никогаш не била посигурна. Тоа, според Хајредини, се должи на фактот што СДСМ е заложник на интегративците, а Ковачевски без Ахмети не би можел да преживее на власт.

Односот на СДСМ пак кон ДУИ е недозволив. ДУИ кога почнува кампања пука во воздух, кога слават победа пукаат а владата на Ковачевски не ги казнува. Значи дека ДУИ нема кој да ги казни. Ова е голем проблем, а СДСМ тоа го прави зошто е заложник на Ахмети бидејќи никако не може да ја добие поддршката на мнозинството. Владата ги дискриминира сите други Албанци кои не се членови на ДУИ бидејќи значење им дава само на ДУИ – вели Хајредини.

Ако до сега за фракционерите проблем беше вицепремиерот Артан Груби, последното случување е показател за подиректен раскол и тоа меѓу Меџити и Ахмети. Според Хајредини, незадоволната група нема да застане тука, и до крај ќе ја истера битката за внатрепартиските позиции.

Инаку, министерот за надворешни работи и портпарол на ДУИ, Бујар Османи сега има уште една функција – координатор на огранокот во Чаир. Меџити на кого му е одземена оваа функција остро регираше. Во изјава за ТВ 21 тој оцени дека Ахмети со оваа одлука сакал само да ги замолчи оние кои размислуваат поразлично од мнозинството.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста