За експертите јавната дебата за уставни измени е очајнички обид на власта да се спаси нешто што му нема спас

Јавната дебата за уставни измени е уште еден очајнички обид на Владата барем малку да се неутрализира расположението меѓу граѓаните и да се подготви терен. Експертите сметаат дека ова е нелогичен чекор и сите обиди за градење општествен консензус се задоцнети. Од таквата расправа не може да се очекува дека мислењето на граѓаните ќе биде сменето преку ноќ, ниту пак преку ноќ ќе се обезбеди дво – третинско мнозинство.

Ова ми изгледа на очајнички потег на владата, на крајот на целиот процес да ја вклучи експертската јавност, тоа требаше со време да го направи, да се слушнат сите заинтересирани страни па на крај да се дојде до најелегантно решение. Вака ми изгледа како крајно нелогичен чекор кој владата во своја немоќ го прави чисто да покаже дека еве ја вклучува експертската јавност, а всушност е доцна – вели аналитичарот Синиша Пекевски.

Јавни дебати беа многу повеќе потребни пред да се гласа францускиот предлог – документот кој не задолжи пред официјална Софија да исполниме низа барања ако сакаме да продолжиме на патот кон ЕУ. Ковачевски тогаш се консултираше и со граѓанскиот сектор и со професори, но многу од нив се добро познати како луѓе блиски до власта и луѓе кои се согласуваат со сегашните политики. Тогаш немаше ниту еден кој јавно ги критикува чекорите на владата. Јавните дебати беа задоцнети и пред неколку години кога власта го промени уставното име во Република Северна Македонија, бидејќи ниту тогаш не го слушна гласот на експертите кои укажуваа на последиците.

Вклучување на „таканаречена“ експертска јавност, која е сочинета од луѓе блиски до власта, е главна пи-ар стратегија на владата на Ковачевски. Да се покаже дека еве и ексепртската јавност ја поддржува таа идеја, а всушност, уставните измени не се добро решение. Ова е погрешен потег, и нема да пројде во јавноста. Аналитичарите, познавачите, треба да даваат констурктивни критики и совети, а не таа експертска јавност да биде составена од луѓе кои се силни поддржувачи на Ковачевски, и да им даваат ветар во грб. Еве каде не донесе таа стратегија, тие погрешни фалби кои ги даваат експертите блиски до власта – додава Пекевски.

Премиерот Димитар Ковачевски, најави дека дебатата за уставни измени ќе почне на експертско ниво а мислење ќе даваат универзитетски професори, претставници на политички партии, експерти од Министерството за правда. Сето ова е залудно бидејќи моменталната ситуација со обезбедување дво-третинско мнозинство е статус – кво, бидејќи опозицијата е децидна дека нема да го поддржи процесот во Собрание.

Власта се надева дека до ноември оваа година Бугарите ќе бидат впишани во највисокиот правен акт – истиот месец кога ќе заврши скрининг процесот. Процедурата би траела околу пет месеци, а за власта да ја оствари временската рамка, процедурата би требало да почне во јуни или јули.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста