Знамето на НАТО се виори пред македонското Собрание – едногласно усвоена ратификацијата за членство во Алијансата

Македонија на чекор поблиску до НАТО. Протоколот за пристапување кон Алијансата денеска го мина собранискиот филтер, но ратификацијата ќе има одложено дејство – на сила ќе стапи откако процесот ќе заврши и во Мадрид.

На свечената седница на која присуствуваше највисокиот државно – политички врв беше споменато дека одговорноста допва ќе се зголемува, а Македонија на светот ќе мора да му докаже оти е достојна за таков успех.

„На внатрешен план тоа значи да продолжиме со подобрување на животниот стандард на војниците и старешните, со нивната обука, со модернизација на опремата, воопшто со зајакнување на воените потенцијали, да ги препознаваме и да се справуваме со современите безбедносни ризици и закани“, рече претседателот Стево Пендаровски.

„Историјата се пишува со храбри одлуки. Историјата се пишува со компромиси достоинствени и прифатливи за сите страни. Кога сите мислеа дека нема излез, беа преземени чекори што не извлекоа од минатото и безизлезот и ни ги вратија перспективите за нашите аспирации за членство во НАТО и ЕУ во нивната полна и извесна реалност“, рече техничкиот премиер Оливер Спасовски.

Опозицијата пак потсети дека пратениците на ВМРО ДПМНЕ беа иницијатори на предвремената ратификација на протоколот, за како што велат, да не се загрози политичкиот договор за одржување на предвремените парламентарни избори.

„Втората причина зошто ВМРО-ДПМНЕ иницираше предвремена ратификација на протоколот за членство во НАТО е за да се избегнат било какви изговори од страна на владејачкото мнозинство за одложување на веќе закажаните и договорени предвремени избори на 12 Април оваа година, посочи Никола Мицевски од ВМРО ДПМНЕ.

Свечениот чин не го остави рамнодушен ниту лидерот на ДУИ. Ахмети после долги години во Парлементот застана на собраниската говорница. Порача дека ова било пресвртница за сите граѓани.

„Ова е историски момент во кој мора да се потсетиме на припадниците на НАТО кои го дадоа животот за слободата, демократијата и мирот. Горд сум што веќе 20 години ниту еднаш не ја изгубив вербата туку верував во големите пријатели и сојузници кои го водеа овој сојуз“, рече лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

Свечената церемонија заврши со подигнување на знамето на Алијансата пред зградата на македонското Собрание. Останува уште Шпанија да даде зелено светло, по што земјава и официјално ќе стане 30-та земја членка на НАТО сојузот.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста