За ковид тестирање се чека по осум денови, за здравствените власти алгоритамот е добар

Престрогиот пат за граѓаните да дојдат до ковид тест здравствените власти не планираат да го олеснат. Анкетата за да дојдете до државно тестирање останува иста кога Македонија броеше 50 заразени дневно и сега, кога има и над 500. Граѓаните остро реагираат и прашуваат зошто се чека по 10 дена за да одат на тестирање иако ги имаат симптомите на Ковид19, па со тоа се приморани голем дел од нив да одат да си го платат тестот од џеб приватно. Загрижува и тоа што веќе никој не води евиденција кој од кого се заразил, дали има кластери или пак колкава е бројката на луѓе во изолација. Од МЗ наместо конкретен одговор, добивме неодредено соопштение.

“Термините за тестирање за наредна недела се пуштаат во петок и термините се слободни од сабота до наредниот петок, што значи дека се чека од 1 до 8 дена. Во целокупниот период од почетокот на кризата па и во моментов, епидемиолошките анкети се прават континуирано. Се додека се даваат точни податоци за кои повеќепати се апелираше од страна на епидемиолозите, ќе имаме и прецизна слика за состојбата со коронавирусот.” – велат од МЗ за Алфа.

И првиот човек на ИЈЗ д-р Мемети признава дека алгоритамот е тежок .Но долгото чекање за ковид тест не било по вина на центрите на ИЈЗ.

“Прво за некој да добие упат за тестирање треба да го исполни алгоритамот кај матичниот доктор или кај епдиемиологот. Не се чека во лабараториите кај што се зимаат  брисевите. Алгоритамот има некои начела и протокол кој може да добие упат за тестирање.” – изјави Д-р Шабан Мемети – диркетор на ИЈЗ.

Дека алгоритамот за ковид тест е комплициран кажа и Д-р Стојанов. Но се правдаше дека тоа било поради разни злоупотреби од пацинетите и лекарите.

“Идеата на алгоритамот е да се тестираат стварно тие што имаат потреба. И да им се најде место. Има правила и индикации кој треба да се тестира а кој не. Честопати се злоупотребува тоа си измислуваат симптоми само да се дојде до тест преку ред само за да се избегне плаќањето.” – вели Д-р Александар Стојанов – директор на ЦЈЗ Скопје. 

Здравствените власти сега ќе крпат крај со крај со брзите ковид тестови кој се очекува да пристигнат оваа недела. Ако пристигнат навреме, пациентите ќе ги прима Поликлиникта во Ѓорче Петров, што би се случило за околу десетина дена. Тестот би чинел најмногу 1.000 денари. Сепак, ако брзиот тест се покаже позитивен, лицето ќе мора да направи и втора потврда преку ПЦР тест.

Ања Василева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста