Во Прилеп одбележани 19 години од масакрот кај Карпалак каде беа убиени 10 прилепски бранители од резервниот армиски состав 

„И по 19 години од ужасот кој го преживеавме кај „Карпалак“, ние со животот се бориме како со лав. Повеќе од половината сме невработени, станавме наркомани, алкохоличари…здравјето ни е целосно загубено, а додека тие што пукаа во нас, што не’ испотепаа – сега се во Парламентот, дома седат и земаат плата…“, – вака ја раскажува својата болна приказна преживеаниот бранител Диме Ристески, кој беше и тешко ранет при тој трагичен настан кога албанските терористи, од заседа го нападнаа конвојот од 114 воени резервисти од Прилеп, кај месноста Карпалак. Десетмина од нив, никогаш не се вратија дома. Беа убиени на лице место.…

„Ние постоиме за овој ден. Е вака, некоја изјава ќе дадеме, ќе си поплачеме, така да речам и…толку…!!! Еве, ќе тргнам од мене – зошто јас да немам вработување, да речеме во една државна институција ?! Зошто терористите што беа команданти, што пукаа на нас, што не’ испотепаа се во Парламентот, дома седат – плата земаат, а ние што…?! Се бориме со животот како со лав..“- вели Диме Ристески, ранет и преживеан бранител.

Иако поминаа безмалку две децении, се уште свежи и премногу болни се сеќавањата и на возачот на еден од автобусите, Ацо Јованоски – Реган, чија присебност во тој критичен момент спаси многу животи од бранителите.

„Пораката и желбата ми беше на тоа место (Карпалак), да се изгради споменик, меѓутоа пак го поставивме цвеќето на банкината на автопатот“, со плачлив глас раскажува возачот на автобусот кој ги превезуваше прилепските бранители, Ацо Јованоски – Реган.

Прилеп, градот кој во тоа кобно 8-мо августовско утро 2001-та, во само еден миг загуби дури 10 свои синови, денеска, традиционално им оддаде достојна почит на своите сограѓани. Почит на своите загинати соборци им оддадоа и од Здружението на бранители од Велес.

„Едноставно, на секакво ниво сме маргинализирани. Не знам што да кажам…оние што беа против нас во 2001-та година, ги добијаа скоро сите бенефити, а ние останавме со празни раце“, – вели Драган Петрушевски од велешкото Здружение на бранители.

Инаку, на денешното чествување пред Споменикот „Карпалак“, во име на државниот врв, венец положија минисетерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и заменик министерот за Локална самоуправа, Дејан Павлески. Министерката за одбрана не се појави на денешната церемонија.

 

Каролина Дурло

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста