Станува ли Велес – новото жариште во Македонија од Ковид 19? Надлежните смируваат, но локалните власти алрмираат за сериозен проблем. Бројот на заразени во овој град рапидно расте, а најалармантна е состојбата во текстилната конфекција “Ју- Ка” каде работници оделе на работа и покрај алармот дека нивни колеги биле позитивни на вирусот. Поголем дел од последните девет случаи на заболени во овој град се токму на конфекцијата, односно на роднини на вработените.

Во разговор за Алфа тие се пожалија на раководството велат  и покрај тоа што имало меѓу нив заразени ,на останатите кои биле тестирани и ги чекале резултатите им било наложено да доаѓаат на работа. Јавно не сакаат да зборуваат за ова, бидејќи велат дека стравуваат за својата егзистенција. Но во исто време се и гневни поради фактот што поради неодговорноста – болеста се шири помеѓу нивните најблиски.

Алфа го контактираше и првиот човек на конфекцијата, Трајче Димитриевски, кој сепак вели дека не чувстува одговорност. Во телефонскиот разговор тој ги критикуваше медиумите дека прво ширеле информации,а потоа ги проверувале. Изјава одби да даде, но потврди дека погонот сега е затворен.

Здравствените власти велат дека засега нема потреба од засилени мерки за заштита.А за растот на заболени во градот дополнително ќе се истражува.

“Имавме некои дополнителни информации денска, во однос на движењето на вработените.Така да после овие информации се вклучува  ДЗСИ од свој аспект да ја разгледа работата.” – вели Венко Филипче, министер за здрвство.

Сепак, градоначалникот Коцевски алармира дека се потребни засилени мерки. Слично како и неговиот кумановски колега, тој се пожали дека Велес немал ист третман како останатите градови:

„Велес неправедно не го добива тоа што го добиваат други градови. Очекувам дека неделава ова ќе се коригира. Некои општини јавно, на случајни минувачи, делат помош доделена од државата“, – кажа Аце Коцевски,градоначалник на Општина Велес.

Во последните три дена Велес бележи вкупно 18 заразени граѓани. Додека пак вкупниот број инфицирани велешани од Ковид-19 досега изнесува 95. Од овој град е и последниот смртен случај. Станува збор за 70 годишник, кој починал на пат кон Инфективната клиника во Скопје.

 

Ања Василева