„Среќни празници и почиста 2020 година“, порачаа учесниците на маршот за чист воздух

Попладнево, по трет пат, петочки марш за чист воздух во Скопје, со надеж дека во 2020 ќе дишеме подобро, порачаа учесниците од маршот. Подобрениот воздух доведе до тоа само стотина луѓе да излезат на улица, помалку во споредба со претходните два, кога имаше илјадници присутни. Токму затоа, говорниците пред Владата ги предупредија сите оние кои останаа дома да не се залажуваат.

– На оние кои велат дека ова нема смисла, сакам да им порачам дека не треба да се коцкаме со нашето здравје, зашто тука живееме и само можеме да се надеваме дека нема да фатиме некоја болест, велат дел од говорниците.

Како и претходно, протестот го предводеа млади, кои порачаа дека власта мора постојано да се притиска за ова прашање.

– Доколку бројките за ПМ честичките од 2019 продолжат и понатаму, скопјани губат 2,5 години од својот живот. И затоа мора да продолжиме да го изразуваме нашето незадоволство и да ги користиме сите демократски процеси што ги имаме. Ќе дојде пролет, можеби ќе се исчисти воздухот, но ова ќе се повтори повторно и повторно, рече Горјан Јовановски од здружението „Мој воздух“.

Учесниците на протестот и денеска ги повторија барањата. И покрај расчистувањето на воздухот деновиве, протестите продолжуваат.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста