Шеќеринска, Кирацовски и Филипче сепак биле на гости дома кај Боки 13

Шокантно сведочење на рочиштето за случајот Рекет. Куќната помошничка на Бојан Јовановски, прво осомничен во Рекет, ги потврди сомнежите за негова блиска поврзаност со високи функционери на СДСМ. Во домот на Боки 13, во елитната населба во Злокуќани, биле и Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, пратеникот од СДСМ, Александар Кирацовски, градоначалникот на Карпош Стефан Богоев и министерот за здравство Венко Филипче. Помошничката Драгана Колевска, во судницата тврдеше дека лично видела дека овие функционери биле на гости кај Јовановски.

„Во домот на Бојан Јовановски дојдоа Радмила Шеќеринска и Катица Јанева. Посетата беше куса и тие брзо си заминаа. Кај него дома сум ги видела и Кирацовски и Стефан Богоев. Во друга прилика беа дојдени и Орце Камчев заедно со Зоран Милевски – Кичеец и уште едно лице“, сведочеше Колевска.

Прашана дали лицето кое во домот на Јовановски дошло заедно со Камчев и Кичеец бил министерот за здравство Венко Филипче, таа потврдно климна со главата. Колевска рече дека пред неа, Бојан со гостите никогаш не зборувал за приватни работи, ниту пак видела било каква размена на пари.

А, министерката Шеќеринска уште во август беше прашана за нејзината евентуална инволвираност во „Рекет“. Изрично не демантираше, но индиректно порача оти сите индикатори не значеле дека и таа е вмешана. За текстовите тогаш објавувани на порталот „Плусинфо“ рече оти тоа „биле инсинуации кои, ниеден паметен и разумен човек не би ги правел“.

Ново рочиште за аферата „Рекет“ ќе се одржи на 3 јануари. Тогаш во судницата ќе сведоци обвинителката Елизабета Јосифовска, заменичката на екс шефицата на СЈО Катица Јанева.

Биљана Божиновска

Advertisements

Поврзани вести