Само 36 училишта поднеле барање до МОН да им се дозволи физичко присуство на ученици над 3-то одделение

Само 36 училишта до сега поднеле барање до МОН да организираат настава со физичко присуство. Од нив 15 се за средно, а 21 за основно образование. Крајниот рок завршува денеска. Надлежните велат, бројката не е конечна оти ќе морале да почекаат дали и други барања ќе стигнат по пошта. Барањата ќе ги разгледува специјална владина комисија.

„Секое училиште кое што смета дека согласно здравствените протоколи може да ги исполни условите може да поднесе барање. Владина комисија оценувајќи го планот и состојбата во тоа училиште индивидуално ги решаваат. Поголемите училишта кои што имаат многу ученици се ризик за отпочнување со физичко присуство“, вели министерката за образование Мила Царовска.

Од Секторот за образование во Охрид велат дека сите основни училишта во Општината, како и единственото основно училиште во Дебарца побарале дозвола од Комисијата да организираат настава со физичко присуство за учениците од повисоките одделенија.

Во меѓувреме, министерот за здравство Венко Филипче, ја отфрли можноста скопските основни и средни училишта да добијат дозвола за настава со физичко присуство. Дури и да имаат услови Комисијата нема да дозволи, дециден беше министерот, бидејќи тоа, според него, дополнително ќе ја усложнело кризата со корона пандемијата.

Од Сојузот на средношколци организираа протести и бараа комбинирана настава. Апелираа до надлежните оти ќе го бојкотираат онлајн учењето доколку не им биде дадена можност да бираат дали ќе учат во училница или од дома.

Од друга страна, Власта е во трка со времето да се подготви за почетокот на учебната година на 1 Октомври. Националната платформа за онлајн настава се уште не е позната на јавноста, а наставниците кои ќе треба да ја користат допрва се обучуваат. Сепак, надлежните велат платформата ќе била лесна за употреба.

Инаку, од политичката партија Алтернатива побараа учебната година наместо на 1 Октомври да почне во јануари следната година, поради најавите за нов, уште посилен бран на корона вирусот во текот на есента.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста