Полека, но сигурно, грипот зема замав

Грипот полека, но сигурно, зема замав. Празниците со грип ги минале повеќе од 200 граѓани, па пресметките на Институтот за јавно здравје покажуваат зголемување од 30% на бројот на заболени споредено со минатата недела. Поголем дел од заболените се на возраст од 15 до 64 години, а од децата, најмногу се разболеле оние до 4-годишна возраст.

– Во Скопје, Гостивар и Струмица има најголем број заболени. Има и лица со потешка клиничка слика кои се хоспитализирани на институциите кои згрижуваат вакви пациенти, пред се, на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Се испитува присуство не само на грип, туку лабораториски се бараат и некои други вируси кои можат да предизвикаат вакво заболување. Нема смртни случаи од компликации од грип, изјави епидемиологот Гордана Кузмановска.

Здравствените работници се први на удар. Тие се уште не се целосно имунизирани. Откако не стигна најавената донација од странска компанија за 14.400 бесплатни вакцини наменети за вработените во здравтсвото, од Институтот велат ќе земат дел од комерцијалните вакцини. Донација има, велат оттаму, ама наместо вакцини „легнале“ пари на сметка, со кои ќе се изврши пренамената.

-Донацијата е само преформулирана на еден начин. Од вкупно преостанати 6.700 комерцијални вакцини, средствата од донацијата обезбедуваат пренамена на околу 4.500 вакцини. Во моментот околу 1.500 дополнителни вакцини се распределени во државата и се вакцинираат здравствените работници, дополнителни 3.000 вакцини ќе бидат исто така пренаменети и ќе можат да се наменат за оние ризични групи кои и досега имаа можност да се вакцинираат бесплатно, додаде епидемиологот Кузмановска.

Лани, поради компликации од грип починаа 30-тина. Епидемиолозите, пикот на грипот го очекуваат во февруари, а поголем број на заболени уште за десетина дена, со стартот на второто училишно полугодие.

 

Сања Трајковска Ставров

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста