Носењето маски на отворено ќе ги натера луѓето да се собираат по дома

Домашните прослави да бидат исклучиво во кругот на најтесното семејство, алармираат доктори во пресрет на претстојните христијански празници. Докторот Владимир Ристовски, кој е директно вклучен во лекувањето на ковид позитивни пациенти апелира граѓаните да не се собираат на големи семејни собири, оти ризикот за ширење на вирусот во затворени простории е тројно поголем.

Експерти алармираа оти новата владина анти корона мерка за носење маски на отворено би можела да биде контрапродуктивна оти тоа ќе ги натера луѓето наместо надвор, да се собираат по дома.

Шпански научници пак објавија истражување кое покажува дека опасноста за ширење на корона вирусот во затворена просторија е висока особено ако луѓето не носат маски. Дури 80 отсто од присутните би можеле да се заразат доколку седат во иста соба подолго од четири часа. Четири од шест присутни ќе фатат корона вирус дури и ако имаат маски, под услов собата да не се проветрува. Доколку времето на престој се скрати, а просторијата редовно се проветрува ризикот да се зарази има само кај еден од присутните.  

Епидемиолозите ширум светот се согласни – коронавирусот се шири низ воздухот преку ситни заразни честички, наречени аеросоли, кои со часови остануваат активни во затворени простории.  

Во Македонија маска се носи на отворено, забрането е собирање на повеќе од 4ца после 22 часот. Пред една недела властите не размислува за воведување порестриктивни мерки, иако сега според информациите од Комисијата за заразни болести се размислува локално, регионално, па дури и целосно затворање на државата, доколку досегашните мерки не се почитуваат.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста