Николоски: Заев кажал дека сме ист народ со Бугарите, како и дека збориме сличен јазик, но бадијала

За премиерот на Македонија сме станале ист народ со Бугарите, а сме зборувале и сличен јазик, но и тоа на крајот не е доволно за Бугарија да го тргне ветото за старт на преговорите со Европската унија. Македонската влада не открива за што преговара со источниот сосед, но потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски, вели дека од високи дипломатски извори дознал дека македонскиот идентитет бил ставен на маса.

-Заев кажал дека според него во двете држави живеат исти народи, кои зборуваат исти или сличен јазик, и кажал дека е тоа негово лично мислење, веројатно не сфаќајќи дека премиер нема право на лично мислење и дека кога е некој премиер се што кажува е официјално и дека е став на државата која ја претставува што само покажува до кое дно е спремен да оди, изјави Николоски за Алфа.

За најновиот неуспех во евроинтеграциите според Николоски не е причина само Бугарија, потенцирајќи дека многу од државите не кажале дека се против ветото, велејќи дека земја како што е Македонија во моментов не е држава која најголемите европски сили ја сакаат во своето семејство.

-Сметаат дека има висок степен на корупција во Македонија, сите знаеме дека има, нема функционален систем на владеење на правото, не се спроведуваат реформи, дополнително на тоа економијата тоне. Имајќи предвид дека ЕУ е клуб на богати и дека скепсата за проширувањето е што примија сиромашни држави со кои што сега имаат проблеми, сакаат кај себе да примаат богати држави со функционален систем на владеење на правото и без корупција. Зоран Заев не само што не ја унапреди не само што не ја унапреди Македонија во таа насока, ја уназади, изјави Николоски.

Инаку, покрај сегашните отстапки премиерот попушташе и претходно, дури го нарече Гоце Делчев и бугарски покрај македонски револуционер.

ТОНСКО ЗОРАН ЗАЕВ- претседател на Владата: На територија на регионална Македонија навистина живееле Македонци, кои зборувале македонски јазик, но живееле Бугари кои збореле бугарски јазик. Живееле луѓе кои што се чувствувале во исто време и Бугари и Македонци. Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој што се борел и за слободата на Македонија и за Одринско и за се и тоа е апсолутна реалност, изјави Заев во минатото.

Се досега направено на штета на македонските национални интереси на крајот излегува бадијала, бидејќи Македонија повторно не го доби датумот за старт на преговори со Европската унија, кој за македонската власт беше добиен веќе неколку пати.

Матеја Петровски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста