Муслиманите го слават „Рамазан Бајрам“, реисот Сулејман Реџепи прогласи победа над Корона вирусот

Џамиите преполни со муслимански верници за време на „Рамазан Бајрам“. Речиси и да немаше слободно место во и околу Мустафа – пашината џамија во Скопје, каде без некој посебен протокол верниците се клањаа. Секој си донесе свое ќилимче за молитва. Дојде и првиот човек на Исламската верска заедница Реисот Сулејман Реџепи.

Поглаварот на ИВЗ по молитвата на овој намаз за Фитер Бајрам прогласи победа над Корона вирусот. Рече дека успешно сме се справувале до сега.

– Им го честитам празникот на сите муслимани во земјава. На молитвата во 5:45 минути по повод празникот присуствуваа голем број верници. Во наредниот период секогаш да победуваме, лошото да го победуваме. И да знаете дека Ковид-19 можам слободно да го прогласам дека е умрен од денес. Со оглед дека го победивме, заради тоа сме тука пред џамијата. Господ е со нас. И кога е Господ е со нас ние се чувствуваме најсилни во светот, рече меѓудругото реисот.

Молитвата се спроведуваше во дворот на џамијата, каде растојанието и не се почитуваше целосно. Обредот траеше околу 30-ина минути.

Претходно скопскиот муфтија го честита празникот Рамазан и на македонски јазик. Изрази благодарност за отстапување за отворањето на џамиите, и упати апел до верниците да внимаваат на здравјето, да се радуваат со семејството и пријателите.

Муслиманските верници велат дека ги почитуваат мерките на заштита, иако се направи гужва пред и по молитвата.

Годинава месецот Рамазан за прв пат муслиманите го минуваа на невообичаен начин, поради мерките за заштита од Ковид-19 вирусот кој се наметна како голем предизвик за целото човештво и цивилизација.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста