Министерот контра своите колеги доктори: Филипче е за брзи избори на петти јули, вели не биле ризик

Корона кризата целосно излегува од контрола во Македонија, но сепак министерот за здравство Венко Филипче вели дека е за избори на 5 јули. Црни и поразителни бројки во Македонија има и во текот на минативе 24 часа. Нови пет починати и 175 новозаразени. Најмногу загрижува бројката во Скопје, каде е регистриран 131 нов случај, а има и нови кластери, но тоа за Филипче не причина да отиде против својата партија кога се во прашање брзите избори.

-(ПРАШАЊЕ: Власта сака брзи избори, дали според вас треба да има брзи избори? Ве прашувам како лекар, не како министер.) Се што ќе се одржи и ќе се придржуваат луѓето и организаторите до протоколите, апсолутно не е ризик (ПРАШАЊЕ: Значи според вас избори на петти јули може да има? Можеме да заклучиме) Било кој настан во кој што ќе се придржуваат граѓаните и организаторите до протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести, апсолутно не претставува ризик по граѓаните, изјави Филипче.

Контра Филипче се и неговите колеги од медицинската фела, тие се против брзи избори кои можеле да бидат опасност за здравјето на граѓаните. Доктор Зоран Спировски дека изборно соочување во овој момент е невозможно.

-Треба да имаме еден период од 28 дена според епидемиолошките правила, да бројот на заболени да биде нула…што значи уште повеќе би ја комплицирале оваа ситуација која ни од далеку не е добра, изјави Спировски.

На строгите правила за прогласување крај на епидемија потсетува и епидемиологот Драган Даниловски, но тој вели одлуките во Македонија се носеле политички, а не слушајќи ги медицинските лица.

-Во моментов е неблагодарно да се прогнозира кога би можеле да се одржат изборите. Од една страна епидемиолошките критериуми се мошне строги, и ако се следат само нив, треба еден месец да чекаме да нема ниту еден позитивен пациент , но сепак тоа не е објективно реалано, рече Даниловски.

Дека Македонија е далеку од крај на пандемијата и дека ситуацијата не е под контрола како што вели Владата, покажуваат загрижувачките бројки, посебно во текот на овој месец. Само во првата третина на јуни, досега има 1312 новозаразени, додека пак бројот на смртни случаи е 31. По Скопје, на црната листа по новозаразени е Куманово со 24 нови случаи, 5 има во Тетово, 4 во Велес, по два во Прилеп, Струга, Гостивар и Свети Николе, еден позитивен случај има и во Охрид.

Матеја Петровски

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста