Ковид хаос во болниците – пандемијата зема уште еден живот на лекар

Критично болните пациенти во ГОБ „8 Септември“ оставени во рацете на недоволно стручни лица. За 13 пациенти кои дишат со помош на машина се грижат доктори интернисти, а не специјалисти анестезиолози, кои се едуцирани за интензивно лекување и реанимација. Двајца анестезиолози во болницата доаѓале но само за да дадат конзилијарно мислење, а не и да ги лекуваат најтешко болните. За ова се пожалија доктори кои работат во ковид центарот. Велат целиот товар е врз плеќите на 40-тина интернисти кои се исцрпени од повеќе месечната борба со корона вирусот.

„Во одделот за изолација имаме 27 кревети, тоа се пациенти со тешка клиничка слика. Од тие 27 пациенти, 13 се на респиратор или на СИПАП маски. Порано за овие пациенти се грижеа исклучиво анестезиолозите, меѓутоа, проблемот е наметнат од пред два три месеци за нив се грижат интернистите. Се знае дека анестезија, реанимација е гранка која што се грижи за интензивно лекување, работа со машини, меѓутоа за жал они доаѓаат како конзилијарни доктори, а целокупниот товар и грижа за пациентите паѓа на интернистите“, вели доктор Владимир Ристовски, специјалист – интернист.

Иако надлежните најавуваа оти ГОБ „8 Септември“ со вториот есенски бран вратите ќе ги отвори само за 50-тина пациенти, колку што е капацитетот на интензивната нега, таму во моментов се лекуваат 80 позитивни на вирусот. Доплнително надлежните најавуваат отворање на уште еден, четврти оддел, со што бројот на кревети ќе се зголеми на над 110. Бараат сите нивни колеги да се вклучат во лекувањето на ковид позитивните пациенти.

„Гледате на Клинички центар дека во оваа борба се вклучени докторите од сите специјалности, дури и гинеколози имаме најава дека се вклучени. За разлика кај нас, сите други се отфрлени, не се ангажирани, освен интерните одделенија. Болницата има и други доктори кои треба да дојдат како колегијална помош и да се грижат за третман на овие болни, додава доктор Ристовски.

Во меѓувреме, расте бројот на здравствени работници кои се позитивни на Ковид 19. Во ГОБ „8 Септември“ дури 14 се заразиле, а дел од медицинскиот персонал и натаму е на домашно лекување.

Денеска уште еден здравствен работник ја изгуби битката со корона вирусот. На Инфективната клиника во Скопје починал 49-годишниот Шукри Фазлији, доктор интернист од кумановската болница.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста