Македонија на Европско!

Ноќ за паметење, ноќ за славење и убави спомени, барем кога спортот е во прашање.

12 ноември 2020 година, датум кој ќе биде врежан во македонската спортска историја за исполнување на сонот на нацијата, обезбедување место на едно ЕП во фудбал.

Македонија извојува голема победа над Грузија, 1:0.

А начинот не можеше да биде подобар, посреќен, посладок. Со гол на капитенот Горан Пандев на гости во Грузија, Македонија успеа да стигне до најзначајната победа во својата фудбалска историја. Првото полуврмее беше повеќе опит на силите, без ниту една конкретна сериозна шанса ниту на двете страни. По стартот на вториот дел очигледен беше притисокот на нашиот тим кон противничкиот гол, во една акција во 56-тата минута во која Елиф Елмас и Несторовски успејаа да ја минат противничката одбрана и во срцето на шеснаесетникот да го најдат Пандев, кој пак елегантно со левата нога го матираше Лориа со што и го реши натпреварот.

Македонија имаше уште неколку шанси можеби и за зголемување на резултатот, но нема замерки за лавовската борба, за играта со срце, за големиот подвиг кој го направија избраниците на селекторот Игор Ангеловски, кои макотрпно чекор по чекор ја минуваа секоја пречка, се бодреа по сите неуспеси, си беа поддршка кога беше најпотребно, дишеа како еден без разлика на годините, искуството , различностите. Сплотеноста донесе успех, Македoнија слави, Македонија се радува, македонија оди на ЕП во фудбал!
А тоа ќе се игра догодина во периодот од 12 јуни до 12 јули, нашата земја ќе разигрува во групата Ц, каде првиот натпревар го игра во Букурешт на 13 јуни против Австрија, на истот место четири дена подоцна,, 17 јуни 2021 Македонија ќе се соочи со Украина, а фазата по групи нашите фудбалери ќе ја комплетираат со дуелот против Холандија на 21 јуни во Амстердам.

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста