Корона кризата ќе продолжи до март, критично ќе биде на есен

Корона кризата ќе продолжи до месец март – предвидува д-р Сашо Олумчев специјалист епидемиолог, доколку и натаму не се почитуваат мерките за заштита. Според него, од септември со новиот бран на корона кризата ќе има поголем број заболени со симптоми на Ковид 19, бидејќи ќе се испомешаат со пациентите заболени од сезонскиот грип. Досега, 90% од пациентите кои беа позитивни се асимптоматски.

– Меѓутоа кога ќе дојде зимскиот период, очекувам, реков нагол пораст, со зголемен број на заболени, со сериозни симптоми, а сигурно ќе имаме и поголем број на смртни случаи. И најверојатно и во февруари, март истото ќе не очекува. Значи тие се предвидувањата, доколку не почнат да се преземаат мерки сериозни. 

Тој препорачува уште сега да почнат да се воведуваат рестриктивни мерки, како ограничување на движењето во ноќните часови, особено за младите. Тие не веруваат во постоењето на вирусот, но, токму заради непочитувањето на социјалната дистанца, нагло ќе расте и бројот на заболени помеѓу младите.

 

-Нека биде ова апел од мене и претходниот пат апелиравме, апелиравме сите здравствени работници, да се придржуваат сите до препорачаните мерки, толку е едноставно значи, само едно носење маска, дури не е ни битно каква маска ќе биде, маската е сосема доволна заштита, држење на дистанца, миење и дезинфицирање на рацете. Значи веќе не препорачуваме, веќе како здравствени работници ги молиме граѓаните, особено младата генерација да се придржуваат до мерките. 

Од почетокот на корона кризата во Гевгелија, Богданци, Дојран и Миравци има регистрирано деветнаесет заразени со корона вирусот, дванаесет оздравени, шест активни случаи во Дојран и еден во Гевгелија. Еден е хоспитализиран, а само двајца пројавиле симптоми.

Дијана Тасева

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста