Клековски: Не верувам дека Македонија може да спроведе избори еден месец по вонредната состојба

Датумот за парламентарни избори треба да биде одреден со широк политички консензус. Секое експериментирање и избрзување со термин за кој се залага една политичка опција само ќе придонесе за дополнително зголемување на јазот и конфликтноста во општеството сметаат упатените. Политичкиот аналитичар Сашо Клековски вели дека тешко може да поверува дека држава како Македонија која се справува со корона вирусот со мерки како што е полициксиот час, на еден месец по вонредната состојба ќе биде во можност да спроведе избори.

„Постојат држави во светот кои одржале избори. Имаше во Германија локални изборипо писмен пат. Во Јужна Кореја се гласаше три дена за избегнување на гужвите. Но тие имаат функционални институции и контрола на пандемијата без полициски час. Кај нас имаше три дневен полициски час за Велигден. Во пресрет сме на нов полициски час за први мај. Во држава во која не може да се контролира пандемиоја со други мерки, а не со полициски час не верувам дека ќе биде подготвена да влезе во таква операција како избори. На нас треба да ни биде фокус пандемијата. Со датум за избори за кој нема да има консензус ќе се зајакне конфликтноста во општеството без разлика дали сме во пикот или после пикот“, вели Клековски.

Сличен е ставот на Клековски и околу свикувањето на Собранието кое е распуштено. Не треба да се случи само затоа што на тоа инсистира СДСМ во ситуација кога опозицијата се противи.

„Свикувањето на Собранието еднострано само од страна на пратениците од СДСМ ќе го продлабочи јазот и конфликтноста во македонското општество. За било какво свикување на Собранието е потребна поширока согласност“, појаснува тој.

Последните шпекулации говорат дека инсистирањето на СДСМ и партиите потписници на иницијативата за свикување на собранието освен за легитмирање на одлуките на Пендаровски и владата пред се е за нов датум за избори. Неофицијално СДСМ бара пратениците да заседаваат за Талат Џафери да ги распише изборите. Се шпекулира со јуни или јули бидејќи власта на тој начин сакала да издејствува подобар резултат отколку во Септември кога би се почувствувале негативните здравтвени и економски ефекти од корона вирусот. ВМРО-ДПМНЕ е против свикување на Собранието и смета дека фокусот во државата треба да биде борбата против вирусот иако се убедени во изборна победа.

Талат Џафери се уште се нема изјаснето за иницијативата.

Градимир Марковски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста