Каков е односот на јавните функционери кон медиумите?

Навреди,закани,етикети, каде е слободата на говорот и заштитата на државата кон новинарите? Сирота ти….не тропај глупости, ова е последната навреда упатена кон новинар од страна на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Сирота ти…не беше загадено вчера не збори глупости, и рече вчера Шилегов на новинарка од Алфа.

Ова не е прв пат, градоначалникот да изнесе навредливи квалификации за новинарите. Минатата година во екот на загадувањето тој додека новинарите поставуваа прашања за воздухот, кажа дека ништо не разбирале, за што потоа мораше да се извини.

Не разбираат, тивко му шепна градоначалникот на Скопје на градоначалникот на Центар.

Но Шилегов не е сам. Во друштвото на јавни функционери кои имаат специфичен однос со медиумите е и министерот без ресор Роберт Поповски, за кого Алфа можеби се уште била под влијание на претходната власт.

Вие многу добро знаете какво влијание имаше поранешната власт и можеби и се уште имате од некои структури од поранешната власт, ова беше одговорот на Поповски на новинарско прашање кое му беше поставено на прес конференција.

Во пресрет на настаните со шугата во касарната во Велес, прашањето за немање лекар во касарна со 200 војници во земја идна членка на НАТО можеби не ја вознемири толку министерката – колку присуството на екипата на Алфа.

Вие претпоставувам сте од Алфа така? Претпоставувам дека ве изненадувме со тоа дека еден сектор на кој сте навикнале да биде многу затворен, покажа голема отвореност, вели Шекеринска откако ја прашаа за лекар во касарната.

Во некоректните квалификации не заостанува ни премиерот Зоран Заев.

Секако дека нема да дозволам неколку криминалци,еден суетен новинар и да ми извини ЛГБТ заедницата еден п***р да ја симнат оваа Влада од власт, кажа тогаш премиерот.

Тој и во времето кога беше главен опозиционер не се либеше одредени медиуми да ги нарече непријатели.

Став на СДСМ и мој личен став е дека поголем политички непријател за нас како опозиција се медиумите како што се Сител,Канал 5, Алфа Телевизија, Дневник и Македонската радио телевизија, посочи Заев во 2015тата година кога беше шеф на тогашната опозиција.

Новинарските здруженија реагираат на ваквите изјави, но попусто, функционерите не си ја научија лекцијата, па се уште се служат со изнесување на квалификации и навреди кон медиумите, особено кон оние  кои ги сметаат за опозициски настроени.

Мери Ѓорѓиевска

 

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста