Не постои никаков анимозитет од Русковска кон мене, постои омраза и завист, ама гајле ми е, нека пукне, оваа порака ја испрати Катица Јанева кон Вилма Русковска. Изведувајќи ги своите завршни зборови, поранешната шефица на СЈО и порача на нејзината колешка дека треба да се срами што отворила вакво дело без никакви докази. Јанева не остана покуса ниту кон судот.  Вели дека не е виновна и дека е чиста пред себе, а ги повика судиите и обвинителите да и бидат благодарни, бидејќи поради неа добиле покачување на платите од 35 проценти.

-Тука не е присутен анимозитет, тука е присутна чиста завист и омраза, ама гајле ми е, нека пукне. Не само што не успеа да го докаже ова дело, туку јавниот обвинител требаше да биде свесен дека влегува во нешто за што нема никакви докази. Да биде прифатено такво дело без ниту еден доказ, срамота е како суд, кажа Јанева пред судот.

Со навредливи зборови Јанева го нападна и брачниот пар Камчеви, велејќи дека бизнисменот е дно на дното, кој сакал да ја купи за да се спаси, но не успеал во тоа. Вели целта на оваа битка била да се сруши СЈО, во што и успеале.

-Не сум виновна, грубо сум изманипулирана од една личност и од неговата сопруга, од Јордан и Ана Камчеви, кои ако би ги знаеле, не би им дозволиле да се приближат до судската зграда, а не па да сведочат. Тие се дно на дното. Дека Орце сакаше да соработува во други предмети и да се приближи, тоа го докажавме. Тој е прљав играч и сакаше да ме купи. Ама мене не може да ме купи, кажа Катица Јанева пред судот.

Адвокатите на Јанева, Ирена Фрчкоска и Дељо Кадиев, кажаа дека очекуваат ослободителна пресуда, бидејќи судот немал никакви докази за ова дело, велат нема никакви пари, а и ги оспоруваат нелегално снимените материјали од страна на Орце Камчев. Тие ја оправдаа Јанева и за нејзиното бурно обраќање во судот.

-Тоа е сега знаете како, тоа се излив на емоции во последен момент дадени од Катица Јанева. За нас како одбрана тоа беше во еден момент сосема и разбирливо, знаете она сепак 9-10 месеци седи во притвор, по наше мислење без никаков доказ и таков излив на емоции и емотивно обраќање и до судот и до обвинителството е сосема разбирливо, изјави Фрчкоска.

Со изведувањето на завршните зборови судскиот процес за „Рекет“ дојде до самиот крај, судијката Васка Масевска Николовска пресудата ја закажа за 18 јуни.

Матеја Петровски