Илјадници пензионери останаа без пензии, Костовски бара спас на Еуростандард, НБМ вели дека сториле се што можеле

Денеска почнува предвремената исплата на пензија, но 15 до 20 илјади луѓе ќе останат без пензиите уште неколку недели. Се работи за пензионерите од пропаднатата Еуростандард банка, кои не успеаја навреме да отворат трансакциска сметка во друга банка бидејќи не можат физички да појдат во експозитурите. Тие се уште се заглавени во бирократските лавиринти. Прво, до вчера  се чекаше Македонската банкарска асоцијација да состави унифицирано полномошно за отворање на трансакциска сметка. Дополнително имаат трошоци за нотарска заверка. Таа чини 1.150 денари, ако полномошното е подигнато во банка или 1.450 денари ако нотарот дојде во домот на пензионерот за да состави полномошно за друго лице да отвори сметка и да ја подига пензијата во име на пензионерот. И додека Фондот за пензиско и министерството за труд речиси секојдневно апелираат граѓаните што побрзо да отворат сметка во друга банка, овие луѓе ако ги поминат процедурите, ќе чекаат исплата на 7, 14  или 25 септември.

Граѓаните потоа не треба да одат во Фондот за пензиско, туку само да ја известат банката дека преку новата сметка ќе примаат пензија.

Меѓу илјадниците пензионери се и оние кои примаа пензија преку Македонски Пошти. Владата се уште не даде зелено светло за Поштите да почнат преговори со друга банка која ќе треба да го преземе платниот промет.

И додека луѓето чекаат да ги добијат пензиите, сопственикот на Еуростандард Трифун Костовски не се откажува од намерата да ја спаси банката. Тој ги повика сите, од партиите до невладините организации да дадат поддршка Народната Банка да ја повлече одлуката за одземање на дозволата за работа. Повторно потенцираше дека потенцијални купувачи биле подготвени да вложат големи средства за банката да продолжи да функционира.

Експресно реагираа од Народната Банка. Велат дека се воделе исклучиво од интересот на граѓаните и дека со денот на одземање на дозволата за работа нивните надлежности престануваат. Од централната банка уште еднаш потенцираа дека банката пропадна поради неисполнување минимални услови за работа и недоволен капитал за натамошен опстанок.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста