Гаревски за Алфа: Албанскиот земјотрес посилен од скопскиот од 63-та, но место за паника нема

Албанскиот земјотрес со магнитуда од 6,4 степени е посилен од скопскиот катастрофален земјотрес од 1963 година, вели за Алфа универзитетскиот професор Михаил Гаревски. Според него ваква магнитуда нормално е да се почувствува и во поширокиот регион, па и во Македонија, и тоа воопшто не е за изненадување.

– Земјотресот со магнитуда од 6,4 степени е посилен од скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година. Ваква магнитуда нормално е да се почувствува и во поширокиот регион, затоа и не е за изненадување што се почусвтува и во Босна и Херцеговина, Бугарија, Србија, и тоа воопшто не е за изненадување, вели за Алфа Михаил Гаревски, поранешен директор на Институтот за земјотресно инжењерство и сеизмологија.

Гаревски вели дека ќе ја посети Албанија и ќе се сретне со негови соработници, зашто земјотресот нанел голем број оштетувања. Тој смирува дека нормално било да има афтершокови, но уверува дека место за паника нема.

Дека не треба да има паника меѓу граѓаните велат и од Сеизмолошката опсерваторија од Скопје. Според Драгана Черних кај големите земјотреси е вообичаено да се проследени со интензивна афтершокова активност.

– Земјотресите кои утринава се почувствуваа во Македонија, а беа со епицентар во Драч, Албанија, значително ги вознемирија граѓаните. Но, место за паника нема, смирува раководителката на Сеизмолошката опсерваторија, при ПМФ, Драгана Черних, и додава дека покрај низата помали, најсилниот земјотрес беше во 3 часот и 54 минути, кој со Рихтерова магнитуда 6.4 беше почувствуван на целата територија на Драч.

Сеизмолозите се пожалија и дека нема кадар, а надлежните немале слух за вработување.

Познавачите на состојбите велат дека земјотреси чии епицентри се далеку од земјава, освен вознемиреност кај населението не можат да предизвикаат никакви материјални штети.

Борис Грујоски

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста