Филипче веќе не е сигурен дека брзи корона избори се апсолутно безбедни – како што последно рече

Од апсолутно безбедни избори во јуни до само предлог протокол за одржување на изборите, но не и конкретни датуми. Министерот за здравство Венко Филипче ретерира – вели тие не биле надлежни да зборуваат за датуми, туку само за препораки.

„Во ниту еден момент од нас не се бараше како Комисија за здравство, ниту пак може да се бара тајминг за одржување на изборите. Кога ова непочитување на мерки сега, во период кога имало рестрикција на движење, може да доведе до ваква бројка, сериозен е предизвикот како ќе биде по олеснување на движењето, отворањето на границите и сезонските грипови. Затоа беше такво мислењето во однос на ситуацијата епидемијата, а не на тајмингот на одржување на изборите“, рече министерот Филипче.

Но пред само пет дена министерот беше апсолутно сигурен дека избирачите ќе бидат безбедни доколку ги почитуваат мерките.

„Апсолутно, стојам зад тоа дека доколку се почитуваат мерките, било што за што тие мерки се препорачани од Комисијата за заразни болести, може безбедно да се одржи“, рече Филипче.

Власта не се чувствува виновна за растот на бројот на заболени, напротив за непочитување на мерките, прстот го вперија кон првиот човек во МВР, Наќе Чулев. Велат надлежното министерство требало да биде поажурно во однос на контролите, да санкционира, а не да опоменува. Лидерот на СДСМ, Заев, на Фејсбук пиша оти бројот на ново заболени бил последица од како што вели, неработењето, популизмот и партиското профитерство на Чулев и неговиот шеф Христијан Мицкоски.

„Денеска стигнува сметката од несовесното, незрело и неодговорно однесување на Чулев, кој по диктат на Мицкоски не презема ништо да се санкционираат оние кои не ги почитуваат мерките“, пиша Заев на Фејсбук.

Тој вели оти македонската полиција и граѓаните треба час поскоро да се ослободат од неодговорното однесување на техничкиот министер.

Биљана Божиновска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста