„Економист“ – Македонија со хибриден режим, се нижат неповолни извештаи

Нови загрижувачки податоци за демократијата во Македонија. Угледниот магазин „Економист“ ја рангираше земјава на 78-мото место во групата на хибридни режими во најновиот извештај за индексот на демократија во светот за минатата година. Македонија во групата на хибридни режими е на ниво на Боливија, Сенегал, Црна Гора, Уганда, Бутан, Либан, Нигерија. Со скор од 5.89, земјава бележи пад според индексот на демократија во последниве 4 години во однос на претходните години кога оцената била над 6.

Економист нотира дека пандемијата предизвикала невидено назадување кога се во прашање демократските слободи во 2020 година во цел свет. Од земјите во регионот најдобро рангирана е Грција на 37-мото место, а најлошо Босна и Херцегобина на 101-вото кое исто како и Македонија ја става во групата хибридни режими. Србија и Бугарија се меѓу државите со „демократија со недостатоци“, а Бугарија е детектирана како „дефектна демократија“ поради загриженоста околу независноста на судството и слободата на медиумите.

И покрај лошите резултати, од СДСМ сметаат дека извештајот е добар. Земјава била пофалена во делот на одржаните избори, но сме назадувале само поради опозицијата и лажните вести пласирани од неа.

„За 2020 се воочени благи негативни моменти кои се должат на две причини, односно поради рестрикциите кои секако беа неопходни во време на пандемија и здравствена криза, како и поради недостиг на напредок во политичката култура, што главно се должи на лажни вести, на политички радикализам, самовластие и неказнивост за кои што има и јавно познати виновници. Свежи се сеќавањата како се однесуваа членовите на преодната Влада од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, како се однесуваа Наќе Чулев и Христијан Мицкоски во однос на прекршување на бројните мерки и задолженија, како и нивна неказнивост“

За лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, извештајот е показател дека земјата е на дното и дека Владата на СДСМ лошо раководи со државата.

„Заев ветуваше иднина во Европа, а не може земјава да мрдне од Африка. Ветуваше живот, a стана рекордер по мизерија. Ветуваа правда, останавме заковани во хибриден режим. Македонија со Владата на Заев и официјално е “хибриден режим” кој е “најкорумпиран” во Европа. Ако според Транспаренси Интерационал сме една од најкорумпираните држави во Европа во групата со Танзанија, Буркина Фасо, Колумбија, Гамбија, според Индексот за демократија сме хибриден режим заедно со Ел Салвадор, Украина, Бангладеш. Дијагнозата е мафија, одговорот мора да е народот! Ќе победиме, затоа што друг избор нема Македонија“ – стои во дел од фејсбук статусот на Мицкоски.

Индексот за демократија се мери во пет категории: изборен процес и плурализам, граѓански слободи, функционирање на владата, политичко учество и политичка култура. Врз основа на 60 индикатори во овие категории, секоја земја се класифицира како целосна демократија, демократија со недостатоци, хибриден режим и авторитарен режим. Претходно Македонија се најде и на разочарувачкото 111-то место на непопуларната листа на Транспаренси Интернешенл според индексот на корупција, кој е најнизок ранг откако се мери корупцијата во земјава.

Тања Попова

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста