Ди Џовани: Училиштата требаше последни да се затворат, а први да се отворат

Училиштата требаше последни да се затворат, а први да се отворат. Некои објекти требаше да останат затворени, но школите да останат отворени – децидна е претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани. Според неа, позагрижувачки било отворањето на кафулињата и рестораните отколку на училиштата.

“Од 1 октомври 2020, во школо одат само учениците од прво до трето одделение, а останатите онлајн следат настава. Учениците од дома учат уште од лани од март.Денес не треба да разговараме за тоа кога треба да се отворат училиштата, туку какви ќе бидат условите за да се отворат. Наш став е дека училиштата требаше последни да се затворат, а први да се отворат. Но, гледано на меѓународно ниво, се направи компромис, дека не можеше се да се отвори наеднаш. Заради менталното здравје, децата треба да уживаат во летните месеци, а за понатаму, прво да ги видиме условите“ – вели Патриција Ди Џовани.

УНИЦЕФ денес ја презентираше ажурираната студија на социјалните и економските ефекти врз децата, која ја спроведоа „Фајненс тинк“. Резултатите покажале дека ограничувањето на движењето, карантините, промената кон учење на далечина и намалената социјализација имаа негативно влијание врз менталната детска благосостојба.Според студијата, додека владините социо-економски мерки против ковид-19 го ублажија влијанието врз екстремната детска сиромаштија, повеќе деца живеат под просекот на животниот стандард.

„Екстремната сиромаштија  (т. е. домаќинства што живеат со помалку од 1,9 долари на ден) се намали за една третина. Сепак, загрижувачки е што повеќе од една четвртина (27% ) од семејствата кои станале подобни за гарантирана минимална помош во текот на пандемијата, не ја искористиле. Проекциите покажуваат дека процентот на деца кои живеат во домаќинства чиј животен стандард е значително под националниот просек (релативна сиромаштија) се зголеми од 27,8 проценти пред пандемијата, на 32,4 отсто. Ова става дополнителни 19.000 деца во Северна Македонија под релативната линија на сиромаштија – што е повисоко во споредба со проценката од јули 2020 година од 16.000 деца“, рече професорот Марјан Петрески.

Она што дополнително загрижува од истражувањето е дека бројот на пријавени случаи на насилство врз деца се зголеми веднаш по избувнувањето на пандемијата, за 14,7 проценти во вториот квартал од 2020 година. Препораките пак се дека мора да се отворат училиштата но под услов целиот училишен персонал да биде имунизиран против Ковид 19.

Адријана Алексиеска

КАТЕГОРИИ
Споделете ja веста